Руколата е ароматично растение кое им дава препознатлив вкус на салатите, но малкумина знаат дека таа е многу добра и за нашето здравје. Ова растение содржи витамин А, Б, Ц, К, токоферол, магнезиум, калциум, железо, калиум, бакар, цинк, селен, јод и натриум.
Како што пишува „Healthifyme“, ова се топ 4 причини поради кои би требало да започнете да ја консумирате оваа билка:
Помага при слабеење
Како и останатиот зелен лиснат зеленчук, руколата е нискокалорична, па така 100 грама свежи листови рукола во себе содржат само 25 калории. Ако сте во потрага по природна храна која е сојузник во губењето килограми, внесете ја руколата во својата исхрана.
Го подобрува видот
Во руколата се наоѓаат каротеноиди, природни супстанции кои можат да го подобрат видот кај луѓето. Каротеноидите се познати по способноста да ја неутрализираат макуларната дегенерација, според која може да се оштети централното видно поле.
Всушност, макуларната дегенерација може да предизвика катаракта, па во случај да барате храна која ќе го чува здравјето на вашите очи, посегнете по руколата.
Ги зајакнува мозокот и коските
Витаминот К поттикнува остеотрофична активност во клетките, што значи дека помага во формирањето и зајакнувањето на коските. Постепената деградација на нервните патишта, како во случајот со Алцхајмерова болест, може да се забави со зголемување на внесот на витамин К во исхраната. Со оглед на тоа што е добар извор на витамин К, руколата се наведува како мал, но вреден, превентивен метод за овој тип на болест.
Одлична е за трудници
Руколата е одличен избор како додаток во исхраната за трудници. Докажано е дека фолатите, кои вклучуваат фолна киселина, ја намалуваат појавата на одредени ментални дефекти кај бебињата. Руколата е богата со фолати, како и повеќето лиснати зеленчуци.