Ултрамаратонците што трчаат во чест на Тоше, пречекани во Скопје

Вкупно 16 македонски маратонци, што 5-та година по ред, учествуваат во традиционалниот Ултрамаратон во чест на Тодор Проески-Тоше, во понеделникот вечерта беа пречекани во Скопје.

Трасата што ја трчаат маратонците е во должина од 1 100 км почнувајќи од Нова Градишка, Република Хрватска, местото на несреќата каде што загина Тоше, а завршува во неговото родно Крушево.

„Навистина се радувам на фактот што и годинава ми се укажува можноста, како Градоначалник на Скопје да ги пречекам маратонците, што секоја година учествуваат во   манифестација што се реализира во чест на најголемата македонска музичка ѕвезда на сите времиња, а тоа е Тоше Проески. Ова е петта година по ред и искрено се надевам дека традицијата на одржување на овој ултрамаратон ќе продолжи и во годините потоа, а сметам дека Градот Скопје како институција и натаму треба да ги поддржува сите активности на Фондацијата „Тоше Проески“, истакна скопскиот градоначалник, Коце Трајановски.

Маратонците, што трчаат  од Нова Градишка (Р. Хрватска) до родниот град на Тоше, Крушево, во Скопје ги пречекаа дел од членовите на Фан клубот на Тоше Проески од Република Македонија, како и повеќе од 300 деца, а песни од мега музичката македонска ѕвезда исполни хорот при СУГС  „Здравко Цветковски“ од Скопје.

Целта на ултрамаратонот е да биде истрчан патот на којшто замина Тоше пред пет години и никогаш повеќе не се врати, но во обратен правец и симболично да се врати духот на Тоше Проески во неговото Крушево. Ултрамаратонот трае околу 100 часа и за тие неколку денови ултрамаратонците застануваат во неколку градови за да ги поздрават членовите на фан клубовите на Тоше, почнувајќи од Нова Градишка, па поминуваат низ Белград и Скопје и на крајот пристигнуваат во Крушево.

Ултрамаратонот во чест на Тоше се реализира на иницијатива на Фондацијата „Тоше Проески“, а маратонците се очекува, денеска 16.10.2012 година (вторник), точно на пладне да пристигнат во Крушево, родното место на Тоше.

Макфакс

Погледнете ги следниве статии

Најдобрите цитати од нашиот Тоше

Топ 10 песни на Тоше според редакцијата на Пулс 24

Тоше не почуствувал болка, смртта била моментна без страдање

 

Пронајдете не на следниве мрежи: