Кинеската мафија годишно во Шпанија „пере“ 300 милиони евра

Шпанските правосудни органи во операцијата со кодно име „Император“ насочена против ткн. кинески мафија, откриле дека оваа група „перела“ пари во износ меѓу 200 и 300 милиони евра годишно, изјави државниот секретар за безбедност, Игнасио Улоа.

Активностите на кинеската криминална организација го привлекле вниманието на шпанските власти пред две години.

„Обемот на дејноста на кинеската криминална група којашто оперирала во Шпанија од 2009 година, ги надмина сите наши очекувања. Според нашите податоци, за четири години криминалците успеале да ‘исперат’ меѓу 800 милиони и 1,2 милијарди евра“, изјави државниот секретар Игнасио Улола на прес-конференција во вторникот навечер.

Завршниот дел од операцијата под кодно име „Император“ во којашто биле вклучени околу 300 припадници на шпанската полиција, започнал во раните утрински часови во вторникот на 16-ти октомври.

Според државниот секретар, во првиот ден од операцијата биле конфискувани повеќе од седум милиони евра, 200 автомобили, а полициските службеници извршиле претреси во 120 комерцијални објекти.

Според некои податоци, до вторникот навечер биле уапсени 80 луѓе, меѓу кои и водник на Цивилната гарда и двајца високи службеници во администрацијата на Фуенлабрада, предградие на главниот град Мадрид. Против нив било подигнато обвинение за изнудување пари, корупција, фалсификување документи, перење пари, трговијата со луѓе и дрога. Уште 20 налози за апсење на членови на криминалната група по кои се трага, шпанските власти ги препратиле до Интерпол.

Според информациите со кои располага полицијата, организатори на шемата за перење пари се 15 лица, меѓу кои е и името на Гао Пинг, познат бизнисмен од кинеско потекло.

Како резултат на оперативните дејствија било откриено дека некои од стоките кои доаѓаат од Кина не биле царински декалрирани и незаконски се распространувале во Шпанија и во другите европски земји. Дел од добиените пари илегално биле испраќани во Кина, од другиот дел преку фиктивни компании регистрирани на шпански и израелски државјани, биле повлекувани на офшор зони или инвестирани во легитимни бизниси.

Со една од најголемите полициски акции водени во Шпанија последните години, операцијата „Император“ којашто се спроведувала во Мадрид, Барселона, во провинцијата Баскија, Мурсија, Малага, Аликанте, раководеле Националниот суд и обвинителството за корупција на Шпанија.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: