Средновековни легенди

Loading...

Како што денес кружат приказни за крокодили во… канализации, проколнатиот Бермудски триаголник, или крем кој отстранува целулит за девет минути, некогаш се зборувало за изворот на младоста, Светиот грал….

 

Евреинот кој скита
’Евреинот кој скита’ е фигура од средновековниот христијански фолклор, а легендата за него почнала да се шири низ Европа во 13 век. Во неа се зборува за Евреинот кој го навредувал Исус на неговиот пат до распетието и затоа е проколнат и скита низ Земјата се до крајот на светот.

Потеклото и карактерот на ’скитникот’ се разликуваат од приказна до приказна: според некои варијанти тој бил чевлар, по други трговец, а според трети бил чувар на имотот на Понтиј Пилат. И самото потекло на оваа легенда е спорно. Некои елементи можеби се преземени од приказната за Каин, кој е казнет со слична казна – да скита по земјата и никогаш повеќе да не собира плодови од својата работа, бидејќи секој плод што ќе го допре пропаѓа и овенува.

Папата Јована

Легендата за папата Јована е приказна за жената која станала папа и владеела со Католичката црква нешто помалку од три години низ средината на 9 век, помеѓу папата Лав IV и Бенедикт III (иако меѓу нив според историските извори имало само два месеци разлика).

Папата Јована е позната од легендите кои кружеле низ Европа во текот на средниот век. Според легендите, Јована била ќерка на англиски мисионер која како Јован Англикус во средината на 9 век седнала на папскиот престол.

Многу модерни историчари и теолози ја сметаат за измислена личност, настаната како сатира на корумпираноста на свештенството и падот на моралот кај тогашните црковни водачи.

Приказната за папата Јована е позната од хрониката на Мартин од Опава од 13 век, напишана 500 години по наводното постоење на папата Јована. Стручњаците денес го негираат нејзиното постоење, но во оваа приказна многумина верувале со векови, меѓу кои имало и припадници на високите католички кругови. Современата историска наука тврди дека нема никакви докази дека жена станала папа.

Изворот на младоста

Изворот на младоста е легенда за извор кој го подмладува секој кој ќе се напие од неговата вода. Иронично, Флорида често се спомнува како можна локација за овој извор. Вечната младост е дар со кој се наградени бројни јунаци на митови и легенди, а приказните за предмети како Каменот на мудроста, универзалниот лек и еликсирот на животот се раширени низ цела Евроазија, па и пошироко.

За жал постарите верзии на легендите на американските Индијанци, не се познати освен од фрагментите на шпанските хроники кои сочувале мал дел од оваа богата традиција.

Инкуби и Секуби

Инкубите се машки демони кои ги опседнуваат луѓето додека сонуваат, особено женито и тоа за да имаат полов однос со нив. Секубите пак, се женска верзија на истите.

Легендите говорат дека инкубите се впуштале во сексуални врски со жени за со нив да зачнат дете, како на пример во легендата за Мерлин, а некои извори спомнуваат дека инкубите можат да се препознаат по неверојатно ладниот пенис.

Според религиските верувања зачестените полови односи со инкубите или секубите можат да го нарушат здравјето и дури и да предизвикаат смрт.

Постојат многу секуларни објаснувања за овие легенди, кои воглавно се однесуваат на средновековната преокупација со гревот, особено со сексуалниот грев кај жените. Всушност, кај наводните жртви можело да се работи за разни пореметувања на сонот, како луцидно сонување или парализа во сонот.

Светиот грал

Според христијанската митологија Светиот грал бил сад, чинија или пехар што го употребил Исус на Последната вечера и што поседува чудотворна моќ. Поврзаноста на Јосиф од Ариматеја со Светиот грал потекнува од легендата на Роберт де Борон, која настанала во 12 век и според која Јосиф го примил Светиот грал од духот на Исус и го испратил со своите следбеници во Велика Британија.

Развитокот на легендата за Светиот грал го следеле бројни историчари. Станува збор за легенда која прво се појавила во витешките приказни, како производ од некој претхристијански фолклор, кон крајот на 12 и почетокот на 13 век.

Прво, приказните за Светиот грал главно се однесувале на Персифал (витез од Тркалезната маса на Кралот Артур), а подоцна во приказните се додадени нови елементи од артуријански легенди и приказни. Моментално најпопуларна верзија за Светиот грал е онаа која ја застапува Ден Браун во неговиот Кодот на Да Винчи.

loading...