Двојните избори во Македонија ОБСЕ/ОДИХР ќе ги мониторира со зголемен број набљудувачи

Претстојните претседателски и парламентарни избори закажани за 24 април, односно 8 мај, мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ќе ги набљудува со 20 долгорочни и 300 краткорочни набљудувачи.

Ова беше соопштено на денешната прес-конференција, на која Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) и формално ја отвори набљудувачката мисија во Македонија за два изборни циклуси.

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ќе ја предводи експертот за човекови права, поранешен помошник заменик-министер за меѓународни прашања на Канада и амбасадор, Џилијан Стирк.

Таа на прес-конференцијата информира дека клучниот тим на мисијата ќе го сочинуваат 12 меѓународни експерти од исто толку земји учеснички на ОБСЕ.

Стирк посочи дека ОДИХР работи во согласност со установена методологија за набљудување на избори, додавајќи дека се целосно непристрасни и своите оценки ги заснова на факти.

„Во рамките на мисијата ќе се направи проценка дали изборите се во согласност со заложбите кон ОБСЕ и други меѓународни обврски, како и со националното законодавство. Имаме клучен тим од 12 меѓународни експерти во Скопје од 12 земји учеснички на ОБСЕ. Станува збор за многу разнообразна група. Ќе бидеме во земјата и за претседателските избори и за парламентарните избори и ќе заминеме на 19 мај“, рече амбасадорката Стирк.

Покрај главниот тим ќе има група долгорочни набљудувачи, вкупно 20, кои ќе бидат распоредени во тимови од по двајца во девет градови во земјава, односно во Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Кочани, Куманово и во Штип, а два тима ќе има во главниот град Скопје.

Стирк рече дека мисијата исто така побарала и 300 краткорочни набљудувачи, кои треба да пристигнат непосредно пред изборите.

„Неколку дена пред изборите ќе одат во избирачките места, ќе ги набљудуваат избирачите и процесот на пребројување на гласовите и сумирање на резултатите. Тие ќе дојдат непосредно пред изборите, 24 април и 8 мај“, додаде Стирк.

Од наредната недела, како што рече таа, мисијата ќе почне со следење на медиумите во врска со изборниот процес.

Прашана за став дали предоцна беа усвоени препораките на ОБСЕ/ОДИХР што се однесуваа на некои од измените на Изборниот законик, имајќи предвид дека беа донесени пред само две недели и дали има време институциите да се приспособат на нив, шефицата на набљудувачката мисија рече дека сè уште се во фаза на нивна анализа.

Во врска со ова прашање, таа рече дека имале иницијален состанок со Државната изборна комисија, но додаде оти ова е нивен прв работен ден како набљудувачка мисија и дека почнуваат со проценки на состојбите.

„Свесни сме за работата и претходните препораки, но сè уште не сме направиле целосна проценка. Сè уште сме во фазата на анализирање, но секако ова е едно од нештата што ќе бидат анализирани во рамките на нашата набљудувачка мисија, односно дали претходните препораки се земени предвид“, рече амбасадорката Стирк.

Во врска со тоа дали е зголемен бројот на набљудувачи и имаат ли некакви сознанија дека се очекуваат инциденти, шефицата на мисијата рече дека бројот на набљудувачи се заснова на препораките на мисијата за проценка на потребите по нивната посета на земјава во јануари годинава.

„Имате два вида избори што се случуваат во ист ден, па не е невообичаено да имаме голем број набљудувачи и бараме голем број набљудувачи низ двата вида избори. Како што кажав, ова се заснова на препораките од мисијата за проценка на потребите“, изјави шефицата на набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР.

Во воведното обраќање на прес-конференцијата Стирк посочи дека ова ќе бидат 22. избори во Македонија што ќе ги набљудува ОДИХР. Последните што ги мониторираше оваа органзација беа локалните избори во 2021 година.

Пронајдете не на следниве мрежи: