„Ленка“, „Копачите“, „Тутуноберачите“… „Мојата смрт е карасмрт!“ 81 година од смртта на Кочо Рацин

На денешен ден, 13 јуни во 1943 година загинал македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин.

Се смета за еден од основоположниците на современата македонска книжевност, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ (Загреб, 1939) претставува едно од најзначајните дела во современата македонска поезија. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и книжевната критика.

Прекарот Рацин доаѓа од неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца. Рацин кратко време користел и друг псевдоним, Невен Пејко, кој го зеде од неговата втора љубов – Невенка Вуиќ.

Сè уште не се разјаснети сите подробности околу неговата смрт, поради што постојат сомневања дека бил убиен. Посмртните останки на поетот денес се наоѓаат во Спомен-костурницата во Велес, каде се наоѓаат и посмртните останки од неговите загинати соборци и другари.

Во продолжение, неговата „БАЛАДА ЗА НЕПОЗНАТИОТ“:

Натаму – в поле битолско
чемрее врба проклета –
под врбата незнаен гроб,
в гроб лежи војник непознат.

Лежи од војна световна,
лежи – и веќе земјосал –
силно го тога изела
задека тука загинал.

Никој крај него немаше –
вишното небо врз него,
земјата скришна под него –
над гробот врба стушена.

А таде – в гори зелени
в сума гробишта лежеа
делии – одбор јунаци
за татковината паднати.

В полноќ се над ним дрвјата
од жалба силно свиваа –
горските бистри езерца
в силна светлина светеа.

И од ним – самовилите
една по една идеа –
од гроб до гроб го дигаа
јунак до јунак – на оро.

И кога сите минеа
покрај врбата стушена –
делии се запираа
незнаен брат си викаа:

„Ја стани, море, јабанец
на оро со самовили!
зора се зори – петлите
скоро ќе в село пропеат!”

А тој од гробот тепкаше
дума врз дума чемерна: –
„Минете, браќа, врвете,
Не сум ви лика – прилика!

Кој умрел за татковината
и за човечки правдини –
каде вас, братко, не гинел,
со вас до векот живеел.

Вие му песна пеете,
вие го со песна жалите –
така се сите раѓате
и така си умирате!

А тука – зошто паднав ја?
зошто ме куршум прониза,
зошто ме земја притисна –
за кого лудо загинав?

Кажете, браќа, кажете,
кажете – па поминете –
мене ме ништо не дига,
мојата смрт е – карасмрт!”

Делии глави веднеа,
немеа самовилите –
тешко на тија, горко им
така што гинат на војна!

Немеа – туку петлите
в селото веднаш писнаа –
самовилите в горите
с делии в раци лиснаа!

Пусто остана полето,
пусто зазори зората –
чемрее в поле врбата,
чемрее – тажи непознат.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.