Стотина семејства може да останат без домови по пожарот во Чаир

Пожарот во подрумите на зградата на улица „Серава“ утрово е изгаснат, по повеќе од 30 часа борба со огнената стихија. Подрумите на оваа зграда биле користени како магацин за еден од најголемите снабдувачи на пластични производи за дуќаните на „Пластичарска“. Високите температури од горењето на пластиката во подрумите веќе ја оштетиле бетонската конструкција на зградата. Нарушена е статиката на зградата, па на станарите засега им е забрането да се вратат во своите станови.

Денеска полицијата уапси и две лица кои се обиделе да крадат по празните станови од зградата.

Пожарот го гаснеа седум возила и десетици пожарникари. Подрумите, односно магацинот е преполн со вода. Лекарска помош вчера побарале над 40 станари од зградата, како и пожарникар кој вдишал чад, а 15 деца биле примени на Детската клиника. Сите тие се во добра здравствена состојба.

Експертите советуваат дека по пожарот мора да се направи проверка на статиката на зградата, пред да се вратат станарите.

Деканот на Градежниот факултет во Скопје, професорот Горан Марковски, во изјава за МИА вели дека во вакви случаи неопходна е сериозна анализа на конструктивните елементи на зградата.

„Апсолутно мора да се провери статиката бидејќи се работи за сериозен пожар кој траеше многу долго. Мора да се направи сериозна анализа на конструктивните елементи на зградата и да се утврди квалитетот на бетонот и на арматурните делови“, посочува Марковски.

Пронајдете не на следниве мрежи: