Дали дојде време? Македонија нема победа на гости 13 месеци

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва од 18 часот го игра третиот натпревар од Лигата на нации, против Летонија во Рига.

По првите два меча, нашиот национален тим има биланс од една победа и едно реми и се наоѓа на првото место на табелата во групата. Македонија влезе како фаворит за првото место во ова издание на Лигата на нации и засега ја оправдува улогата, но октомвриските дуели ќе бидат вистинско мерило за нашиот квалитет.

Пред се, поради тоа што го играме на гостински терен каде последните години немаме големи успеси. Од јуни 2022 година, Македонија има само една победа на гости и тоа пред лани во септември против Малта, во квалификациите за Европското првенство. Во последните 28 месеци, одигравме 10 натпревари надвор од Македонија, вклучувајќи ги и оние на неутрален терен, а билансот е осум порази, едно реми и една победа.

Летонија е добра можност да се сврти нов лист, особено ако се знае дека на трите досегашни меѓусебни пресметки, Македонија излегуваше како победник. На пријателскиот меч во март 2014 година победи со 2-1, а во квалификациите за ЕУРО 2020 славеше со 3-1 дома и 2-0 на гости. Интересно е тоа што летонските фудбалери се уште не дале гол против Македонија бидејќи двата погодока во меѓусебните дуели, всушност беа автоголови, на Даниел Георгиевски и Дарко Велковски. Противникот влегува во денешниот меч од третата позиција на табелата во нашата група и со еден триумф, остварен против Фарски Острови на домашен терен со 1-0. Најголем дел од фудбалерите во летонската репрезентација играат во домашното првенство, а најголема ѕвезда е капитенот Кристерс Тоберс кој е член на Грасхоперс.

Најголем проблем за македонската репрезентација е тоа што главните фудбалери оваа сезона имаат мала или никаква минутажа во своите клубови. Нивната форма во моментов е дискутабилна, но во дуел против аутсајдер како Летонија (137. на ФИФА листата), победата не би требало да биде доведена во прашање.

Пронајдете не на следниве мрежи: