ЕК го објави извештајот за напредокот за 2024, Скопје најавува посветеност на европскиот пат и продолжување на реформите

Европската комисија вчера го објави „Пакетот за проширување“ за 2024 година, кој вклучува и Извештај за напредокот на земјава на европскиот пат. Копии од Извештајот, шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, евроамбасадорот Михалис Рокас вчера попладне им врачи на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, на претседателот на Собранието Африм Гаши и на премиерот Христијан Мицкоски, кој беше придружуван од министерот за европски прашања Орхан Муртезани, а денеска копија треба да и предаде и на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.

Во извештајот се посочува дека земјава постојано ја истакнува својата политичка посветеност на стратешката цел за интеграција во ЕУ, како и нејзината амбиција да продолжи во процесот на пристапните преговори, за што, според ЕК, треба да ги спроведува суштинските реформи поврзани со членството во Унијата, да одржува добри односи со другите земји опфатени со процесот на проширување, како и да го продолжи својот ангажман во регионалните иницијативи.
– Постојните билатерални договори со соседните земји треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, се наведува во Извештајот.
Во текстот се нагласува дека и покрај обидите, досега не е постигнат напредок во усвојувањето на уставните измени.
– Институциите задолжени за процесот на интеграција се поставени. Новата Влада формираше Министерство за европски прашања, кое го замени Секретаријатот за европски прашања. По успешното завршување на процесот на скрининг, Северна Македонија треба да продолжи да ги зајакнува своите преговарачки структури со ЕУ и да постигне здрава координација меѓу ресорните министерства и институции, истовремено развивајќи ја експертизата поврзана со правото на ЕУ низ јавната администрација. Потребни се постојани и решителни чекори за да се забрза имплементацијата на реформите во ЕУ и да се придвижи напред во процесот на преговори за пристапување во ЕУ. Меѓупартиската соработка останува од витално значење во овој поглед, се потенцира во Извештајот.

Во документот се нагласува и дека земјата е целосна усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и во однос на руската агресија врз Украина, испраќајќи јасен сигнал за нејзиниот стратешки избор за пристап во ЕУ и уште еднаш докажувајќи се како доверлив партнер.
Европската комисија посочува и дека земјата активно се вклучи во спроведувањето на новиот План за раст за Западен Балкан, а нејзината реформска агенда ги опфаќа заложбите за реформи во управувањето, јавната администрација и менаџирањето со јавните финансии, спроведувањето на зелената и дигитална транзиција, развојот на приватниот сектор и соодветното деловно опкружување, како и во заштитата на основни права и владеењето на правото.
Во документот се наведува дека претседателските и парламентарните избори одржани оваа година биле спроведени „главно задоволително“, биле конкурентни и на нив биле почитувани основните слободи, а изборното законодавство дава соодветна рамка за одржување на демократски избори.
Комисијата, меѓу другото, ги нагласува и потребите за спроведувањето на препораките на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОБСЕ/ОДИХР) и на Венецијанската комисија за изборниот процес, ограничување на несоодветната употреба на процедурата „европско знаменце, реформа на локалната самоуправа и јавната администрација, зајакнувањето на судската независност, подобрување на правната рамка за заштита на основните права, зајакнување на борбата против корупцијата и усогласувањето на правната рамка што ги регулира медиумите со правото на ЕУ и европските стандарди, особено со воведување правила за целосна транспарентност во сопственоста и рекламирањето на медиумите, конкуренцијата и државната помош и правата на интелектуална сопственост, да спроведе стратегијата за реформирање на Јавниот радиодифузен сервис и да продолжи да се справува со сите закани и акти на насилство врз новинарите и да обезбеди сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата, се наведува во документот.
При приемот на копија од Извештајот, претседателката Сиљановска Давкова оцени дека документот претставува објективна слика, потсетник и патоказ за реформските приоритети и областите во кои е неопходен натамошен напредок и изрази надеж дека тој дава избалансирана оценка на севкупните достигнувања на земјата.

Таа истакнала дека македонските институции ќе посветат внимание на препораките и насоките од извештајот и со сите капацитети ќе се фокусираат на доследно спроведување на реформите во клучните области, економското закрепнување и справувањето со корупцијата.
Сиљановска Давкова го поздрави Планот за раст на Западниот Балкан, како инструмент од суштинско значење за забрзување на реформите, искористување на целосниот потенцијал и максимизирање на придобивките за нашите граѓани и економија и изрази очекување дека новиот пристап на постепена, фазна интеграција ќе продолжи паралелно со процесот на пристапување.
Истакнувајќи дека полноправното членство во ЕУ е наша стратешка цел и дека земјата не гледа друга алтернатива, шефицата на државата ја нагласила важноста на фер процес на пристапувањето во Унијата, со почитување на националната гордост и идентитет на македонските граѓани, на објективна евалуација на спроведувањето на реформската агенда и ба забрзување на македонската евроинтеграција врз основа на принципот на заслуги и Копенхашките критериуми.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, нагласи дека државата нема да отстапи од реформите и иако граѓаните се уморни од целиот процес и од тоа што неоправдано сме во чекалната на ЕУ, единствена стратешка цел за сите останува членството во Европската Унија.
На заедничка прес-конференција со евроамбасадорот Рокас по приемот копијата од Извештајот, Мицкоски оцени дека документот дава реална слика за состојбите и за целокупната подготвеност на земјата во достигнувањето на европските правила и стандарди.

– Човек мора реално да пристапи на работите и реално да разговара за заедничките предизвици кои ни престојат како држава. И без овој извештај како прв човек на Владата знам дека граѓаните живеат тешко и дека ни се потребни крупни чекори напред, клучни реформи и она што можеби за мене претставува клучен приоритет – борбата против корупцијата. Сепак е добро кога ќе се добие и квантификација и една реална слика за состојбите, рече Мицкоски.
Тој истакна дека го охрабрува тоа што Европската комисија ги препознава напорите на неговата Влада за борбата против корупцијата, што како што нагласи, не беше случај во минатиот извештај.
– Немаме време за губење. Не очекува уште многу работа, сите нас, бидејќи реформите и европскиот пат се долгорочен и сеопфатен процес. Затоа ве уверувам дека ние како нова Влада работиме интензивно и посветено за подобрување на состојбите во сите области, особено во оние области на живеење каде проблемите и слабостите на системот се најголеми, рече Мицкоски, истакнувајќи дека нема отстапување од реформите, бидејќи тие се единствениот начин за да се подобри животот на граѓаните и да се зајакнеме македонското досие на патот кон членство во ЕУ.
Евроамбасадорот Рокас, од своја страна, нагласи дека е важно што во овој Извештај нема нотирано назадување и посочи дека заедно со претставниците на Владата ќе се посветат за остварување поголем напредок.
– Извештајот доаѓа во добар момент, само една недела по усвојувањето на реформската агенда од страна на Европската комисија и по посетата и претседателката (на ЕК, Урсула) фон дер Лајен, која потсети дека ова е одлична реформска агенда. Сега имаме целосна слика за она што Владата го има одобрено и го имаме Извештајот за напредок. Ова може да биде платформа на која што ќе можеме да работиме заедно во претстојната година, рече Рокас.

При презентацијата на „Пакетот за проширување“ на прес-конференција во Брисел високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на Унијата, Жосеп Борел нагласи оти јасен став на Европската комисија е дека проширувањето им централна улога во геополитичкиот пристап на ЕУ.
На заедничка прес-конференција со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, Борел нагласи дека она што е наведено во извештаите за напредокот се базира на индивидуалните достигнувања на земјите аспиранти за членство и нивните заслуги, посочувајќи дека алтернативите на членството може да бидат полесни на краток рок, но „она што е лесно на краток рок, може да донесе тешкотии на долг рок“.
– Во изминатите пет години пристапните преговори се вратија на врвот на приоритетите на Европската комисија. Во 2019 година имаше пет кандидати за членство, а денес има девет земји кандидати и еден потенцијален кандидат, што ги прави 10, односно двојно повеќе. Тоа покажува дека Европската Унија дејствува како магнет, привлекувајќи луѓе и држави, истакна Борел.
Според него, постепената интеграција донесе резултати, па така земјите вклучени во пристапниот процес веќе имаат видлива корист од тоа, бидејќи не мора да чекаат до крајот за да ги добијат сите придобивки од членството во ЕУ, туку со ваквиот пристап има видливи придобивки кои граѓаните ги чувствуваат секојдневно.
– Нашата Унија не треба да биде само поголема, туку и посилна. Можете да станете поголеми, но тоа не значи автоматски дека сте и посилни. Ние го сакаме и едното и другото. Сакаме да ги интегрираме нашите соседи и сите заедно да бидеме посилни, рече високиот претставник на ЕУ.

Според него, во изминативе години има значително усогласување на кандидатите за членство со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што е показател дека тие ги споделуваат европските вредности и геополитички цели.
– Некои наши партнери се целосно усогласени со нашата заедничката надворешна и безбедносна политика. Би можел да ги споменам Македонија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, потенцира Борел, додавајќи дека во услови на руската агресија врз Украина, не може да развивате односи со Русија како се да е нормално, а во исто време да сакате членство во ЕУ, бидејќи не може и едното и другото.
Вархеји, од своја страна, нагласи дека актуелна Европска комисија работеше напорно да го врати проширувањето како еден од трите нејзини приоритети и тоа не само да се дискутира за тоа, туку и да се оствари напредок.
– Проширувањето не е поврзано само со промената на нашето геополитичко опкружување, туку тоа е и во интерес на ЕУ, истакна Вархеји, додавајќи дека членството во Унијата е долгорочна гаранција за мир, стабилност, безбедност и просперитет.
Според него, променетиот пристап на ЕК кон проширувањето дава видлив напредок и врз основа на тоа до крајот на мандатот на новата Европска комисија, кој завршува кон крајот на 2029 година, земјите кандидати би требало да бидат подготвени за членство во ЕУ и би можеле да очекуваме ново проширување на Унијата.

– Не само што е потребно ЕУ да биде силна, туку таа треба и да ја донесе Европа во соседните региони, рече Вархеји.
Пакетот извештаи за проширувањето ја оценува усогласеноста на земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ со Копенхашките критериуми, кои се однесуваат на стабилност на институциите кои ги гарантираат демократијата, владеењето на правото, почитувањето на човекови права и заштита на малцинствата, потоа одржувањето на функционална пазарна економија и нејзината способност за справување со конкурентскиот притисок и пазарните сили во ЕУ, како и капацитетите да се преземат обврските од членството, вклучително и за ефикасно спроведување на правилата, стандардите и политиките на ЕУ.
Пакетот за проширување ги дефинира експлицитно оние реформи што треба да ги преземат земјите опфатени со пристапниот процес за да станат членки на ЕУ и информира за нивниот напредок на патот кон членство во Унијата.
Во документот се прави и преглед на спроведувањето на клучните политички и економски реформи од страна на аспирантите за членство и им се даваат јасни препораки за следниот период.

Пронајдете не на следниве мрежи: