Го загуби сопругот четири дена по венчавката, а сега стана првата трансродова жена во американскиот Конгрес

Сара Мекбрајд (34) ја испиша историјата станувајќи првата трансродова личност одбрана да биде дел од американскиот Конгрес.

Сара е родена на 9 август 1990 година во Вилмингтон, Делавер, а уште од мали нозе покажувала интерес за политиката. Нејзиниот татко Дејвид Мекбрајд се потсети на моментот кога на 11-годишна возраст, таа поставила американско знаме во својата соба и го рецитирала инаугуративниот говор на Френклин Д. Рузвелт, пишува „Yahoo.com“.

Според пишувањата на „Nation Women’s History Museum“, во текот на нејзините студии на универзитетот во Вашингтон, Сара била одбрана за претседателка на студентската организација. Во последната недела од нејзиниот мандат на универзитетот, во 2012 година таа објавила дека е трансродова жена, привлекувајќи национално внимание и се етаблираше како значајна личност во „LGBTQ+“ активизмот.

Доживеа голема загуба
Нејзината животна приказна е одбележана со голема загуба. Имено, нејзиниот сопруг Ендру Креј, кој исто така бил „LGBTQ+“ активист, починал од канцер, и тоа само четири дена по нивната венчавка во 2014 година. Меѓутоа и покрај загубата Сара ја продолжила својата борба за еднаквост, честопати спомнувајќи ја страста на починатиот сопруг како нејзина инспирација да продолжи со борбата и работата.

Во својата книга „Tomorrow Will Be Different: Love, Loss, and the Fight for Trans Equality“, Сара детално го објаснува своето искуство со транзицијата, нејзината љубовна приказна со Ендру и предизвиците со кои се соочувала како трансродова жена во политиката. Пред четири години таа стана првата трансродова сенаторка во историјата на САД и највисоко рангирана трансродова политичарка во САД, каде што се стекна со признание за нејзината работа во областа на здравствената заштита и правата на „LGBTQ+“ заедницата.

Сара Мекбрајд сега е одбрана во Претставничкиот дом на САД и стана првата отворено, трансродова личност во американскиот Конгрес. Како кандидатка на Демократите таа го победи нејзиниот републикански противник во трката за застапничко место од Делавер, пренесува „AP News“.

Пронајдете не на следниве мрежи: