Воени експерти составија список од 200 цели: „Еден удар и Русите ќе бидат обезглавени!“

Во интервју за британскиот јавен сервис, францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро рече дека „Западот не смее да има црвени линии“ во обезбедувањето оружје за Украина, што ги вклучува француските ракети со долг дострел „Scalp“, пандан на британските ракети „Storm Shadow“.

Со ова Франција им се придружи на САД и на Велика Британија кои во претходните неколку дена дадоа дозвола.

Според воените експерти, останува да се види колкава промена ќе донесе ова на бојното поле, бидејќи многу зависи од тоа колку проектили ќе бидат испратени во Украина, но и од тоа колку ефикасно ќе ги користат украинските сили.

Едно е јасно – има цела низа цели кои Украинците можат да ги таргетираат, имено руски аеродроми преку кои се опремува војската и се носи оружјето, командни центри и воени магацини.

„Русите во моментов се во несигурна ситуација бидејќи не знаат на што ќе целат Украинците. Стотици цели сега се на дофат на нови ракети кои можат да зададат потешки удари од беспилотните летала со долг дострел што Украина сега ги користи за да удри длабоко во Русија“, се вели во анализата на Wall Street Journal (WSJ).

Институтот за проучување на војната (ISW), тинк-тенк во Вашингтон, состави карта од околу 200 воени цели во дострелот на ATACMS, кој има домет до 300 километри и на Storm Shadow, кој може да погоди цели оддалечени 260 километри. Џорџ Барос, аналитичар во ISW, објасни дека најголемата концентрација на такви цели што Украина потенцијално би можела да ги таргетира се наоѓа во јужната руска провинција Ростов. Има најмалку четири аеродроми кои се место за слетување на многу војници, кои потоа со автобуси се превезуваат на украинското бојно поле.

„Напад на такви локации може да биде катастрофален и да го уништи клучното место за распоредување на руски војници“, смета Барос.

Но, многу може да се направи без софистицирани високопрецизни ракети. Во понеделникот ноќта, украински беспилотни летала во рускиот град Калуга, на 500 километри од границата, ја погодија и уништија локалната рафинерија, како и компанијата за истражување и производство „Тајфун“, која се занимава со развој и производство на комплексна електронска опрема за специјални и цивилни цели, а произведува и радарска опрема за руската морнарица, особено за крајбрежни ракетни системи.

Локалните власти го потврдија пожарот во „индустриски објект“ предизвикан од „остатоци од урнат дрон“, но снимките покажаа огромни експлозии и висок облак од црн чад. Од спротивната страна Русите ги гранатираа Харков и Одеса, каде има десетици жртви.

Покрај тоа, Русија има воена иницијатива во големи делови од источниот фронт, иако загуби приближно 1.350 војници во октомври. Сега Русите се блиску до освојување на стратешки важниот град Курахово, а се чини дека се подготвуваат за поголема офанзива на југ, во областа Запорожје, поради што Украинците забрзано градат нови одбранбени утврдувања.

Пронајдете не на следниве мрежи: