(Видео) Oфанзива на џихадистите во Алепо, сириските сили со помош на Русија започнаа воздушни удари

Бунтовниците и нивните сојузници, кои започнаа голема офанзива против владините сили во северозападна Сирија, утрово се приближија до градот Алепо и почнаа да го гранатираат, јавуваат западни медиуми, повикувајќи се на информации од невладини организации и сириските државни медиуми.

Судирите, во кои досега загинаа над 240 лица од двете страни, се најжестоките во северозападна Сирија од 2020 година. Провинцијата Алепо, која главно е под контрола на режимот на претседателот Башар ал Асад, граничи со последното големо упориште на бунтовниците и џихадистите – Идлиб.

Утрово борци на „Хајат Тахрир ал Шам“ (ХТШ) и нивни сојузници, меѓу кои и групи блиски до Турција, пристигнале до периферијата на Алепо, вториот по големина град во Сирија.

– Тие се на околу два километри од градот Алепо, изјави Рами Абдел Рахман, директор на Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Обединетото Кралство.

Џихадистите го гранатираат градот по првпат по четири години, целејќи кон универзитетски кампус каде, според државната агенција САНА, загинале четири цивили, од кои двајца студенти.

Според Сирискиот центар, бројот на загинати во борбите од почетокот на офанзивата во средата изнесува најмалку 242. Поголемиот дел од загинатите се борци, додека меѓу цивилите има 24 жртви, од кои 19 загинале во руски воздушни напади врз бунтовнички области.

Џихадистите вчера ја пресекле клучната патна артерија која го поврзува главниот град Дамаск со Алепо, откако во средата ја започнале офанзивата во десетици населени места во провинцијата Алепо.

Како одговор, руски и сириски воени авиони ги бомбардирале позициите на бунтовниците во северозападна Сирија, вклучувајќи ја и границата со Турција, обидувајќи се да ја спречат офанзивата која доведе до заземање нови територии, првпат по неколку години.

Пронајдете не на следниве мрежи: