Скопје повторно се соочува со катастрофална еколошка и здравствена криза, реагираат од Левица.
Денеска во рециклаторниот центар на „Ф-Групација“ во Трубарево гори опасен отпад, вклучително литиум-јонски батерии, акумулатори и електронска опрема, кои при согорување ослободуваат исклучително токсични материи. Ситуацијата дополнително се надоврзува на низата пожари во Шуто Оризари, Вардариште и Дрисла во изминатите денови, со што главниот град повторно е задушен во густ чад и канцерогени гасови.
Согорувањето на ваков тип на отпад ослободува јаглерод моноксид, водород-цијанид, диоксини, канцерогени органски соединенија и тешки метали како олово и жива. Овие материи предизвикуваат акутни и хронични здравствени последици – од тешки иритации на дишните патишта и оштетувања на нервниот систем, до зголемен ризик од малигни заболувања.
И покрај сериозноста на ситуацијата, Министерството за животна средина, предводено од Изет Меџити (верен партнер на премиерот Мицкоски), типично за неговиот мандат – воопшто не се вознемири и не презеде никакви мерки. Напротив, министерот денеска гордо и насмеано продолжи со неговата кампања како кандидат за градоначалник.
Министерството за здравство, Владата и градските власти исто така молчат додека граѓаните се избезумени како оваа катастрофа ќе се одрази на нивното здравје. Парадоксално, дел од градоначалниците и функционерите на ДПМНЕ и денес продолжуваат со кампања на отворено, принудувајќи ги нивните сопартијци на ризик.
Оваа ситуација бара итна реакција, насоки за заштита на населението, како и преземање одговорност за еколошките и здравствените последици! – велат од Левица.



