По низа контроверзии и негодувања во јавноста, новиот Закон за високо образование оди во собраниска процедура. За него имаше низа критики, особено во делот на вонредното студирање за одредени студиски програми, како и за одлуката, на приватните Универзитети повеќе да нема правни студии.
Новиот закон практично значи дека секој студент кој планирал да се запишува на приватен Универзитет, а на правни студии, медицина или наставнички студии, веќе нема да ја има таа опција. Дополнително, ќе биде невозможно студент на педагошкиот факултет, фармација и неколку други студии да се вработи, дури и ако тоа му значи единствен начин да си ги плати студиите.
Што предвидува Законот
На студиите како медицина, фармација, стоматологија, архитектура, ветерина и педагогија нема да има вонредно студирање. Прашавме во Министерството за образование, дали оваа одлука е спротивна на Член 44 од Уставот на Република Македонија, каде е наведено: „Секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови“. Конкретен одговор на прашањето не добивме.
„Новото предлог законско решение во овој дел е идентично како и актуелниот закон, односно како и досега не се дозволува вонредно студирање на одредени регулирани професии – медицина, фармација, стоматологија, архитектура, ветерина, а единствено се додаваат и студиските програми за наставници. Вонредното студирање подразбира непосетување на практична настава“, ни рекоа од Министерството за одбрана.
Со предлогот, приватните Универзитети кои претходно вработувале кадар за тоа, им се одзема правото да имаат правни студии. Ако некој сака да студира право, сега ќе треба да конкурира единствено на државните Универзитети.
Од Министерството пак, посочуваат дека е голем бројот на Универзитети кои нудат правни студии, па затоа се одлучиле на ваков чекор.
„Поради бројноста на правните студии во државата, а во насока на усогласување на уписните политики и образованието со потребите на пазарот на трудот, се предлага приватните високообразовни установи да не запишуваат студенти на правни студии по усвојување на новиот предлог закон“, велат од таму за Инфомакс.
Сепак, министерството нема направено никаков план, што со оние професори кои веќе работат на овие Универзитети.
Прашавме и како оние кои го пишувале Законот одлучиле факултетот за медицина, факултетот за сестри, акушерки и физиотерапевти, правните студии и наставничките студии да бидат единствено на државните универзитети, но за ова прашање, на Министерството му беа потребни „дополнителни појаснувања“ на прашањето.
Дел од јавноста реагираше и на заострените законски одредби за тоа кој и на кој начин може да стане професор.
Што вели власта за Законот
Премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука Весна Јаневска на прес конференција, заеднички го бранеа Законот кој го испраќаат до Собранието. Премиерот вели дека овој закон не е политички проект на Владата, туку државно прашање од кое зависи иднината на младите и квалитетот на образованието во земјата.
„Овој закон не е донесен зад затворени врати. Водевме широка дебата, ги слушнавме универзитетите, експертите, студентите. Ова е заедничко решение. И токму затоа верувам дека ќе даде резултати. На крајот, сакам да им се заблагодарам на сите што дадоа придонес. Академската заедница, универзитетите, професорите, министерката за образование и наука проф. др. Весна Јаневска. Ова не е закон на една Влада, туку закон за иднината на државата. Закон кој треба да донесе квалитет, стабилност и перспектива. Дојде време да престанеме со експерименти и да почнеме со системски решенија“, рече Мицкоски.
Министерката Јаневска пак, откако Законот беше ставен на јавна расправа, цело време го бранеше решението. И покрај критиките, остана на ставот дека нема намера да го повлече предлог Законот.
„Неопходно е единство, затоа што оваа цел – подобрување на квалитетот на високото образование е всушност обврска на земјата за реформската агенда и е наша заедничка одговорност за просперитет на оваа држава. Со овој Закон и негова доследна примена ќе спречиме понатамошен пад на квалитетот на високото образование и на среден рок целосно ќе го промени правецот. Државата ќе ги обезбеди сите неопходни услови за имплементација“, рече Јаневска.
Прашавме и што овој закон ќе значи за студентите кои веќе се запишани на приватните Универзитети, а на студиите кои ќе се повлекуваат од кај нив и ќе останат само на државните.
„Актуелните студенти ќе ги довршат студиите. Нема да има запишување на нови студенти по усвојување на новиот закон“, велат од Министерството.
Од таму за Инфомакс посочија дека во Македонија има 50 илјади студенти, а годишно во просек на јавните и приватните универзитети се запишуваат 15тина илјади нови. Сепак, колку од нив студираат на приватните универзитети, колку од нив се странски студенти, а со тоа и на колку студенти ќе влијае овој закон, одговор не добивме.
Александар Тодески



