Пред пратениците утре измените на Законот за влада со кои се укинува Пржинската влада

Предлог-законот за измени на Законот за Влада со кој се укинува т.н. Пржинска влада утре ќе се најде на дневен ред на 98. собраниска седница.
Предлогот е измените да се разгледуваат по скратена постапка и да бидат со одложена примена односно техничката влада да се применува најверојатно уште на следните парламентарни избори кои доколку бидат редовни ќе се одржат во 2028 година или ако се одржат предвреме.
Како што се посочува во образложението, примената на техничката т.н. пржинска влада произлезена од договорот од 2015 година, со текот на времето се покажала како нефункционална, а изборот на дополнителни заменици министри создава дополнителни финансиски импликации.
– Иако преодната влада за спроведување на избори на пратеници во Собранието во конкретен историски контекст имаше одредена стабилизирачка улога, нејзината континуирана примена со текот на времето се покажа како нефункционална и финансиски неоправдана. Формирањето на ваков тип на влада подразбира проширување на извршната власт преку дополнителни министри и заменици министри,
дуплирање на надлежности и сложени процедури за одлучување, што директно влијае врз ефикасноста, одговорноста и континуитетот во управувањето. Истовремено, заради доследно применување на законските одредби кои ја уредуваат оваа област, значителни буџетски средства се издвојуваат за плати, надоместоци, административна
и логистичка поддршка, без соодветен јавен ефект што би ја оправдал оваа финансиска оптовареност, стои во образложението.
Прашањето за укинување на техничката влада беше отворено на последната лидерска средба свикана од премиерот Мицкоски на која не присуствуваше лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче кој потоа изјави дека не се согласува со укинување на техничката влада.

Пронајдете не на следниве мрежи: