Туристка тужела хотел во Италија: ѝ наплатиле седум евра за вода, стигнала пресудата

Туристка решила да тужи луксузен хотел и да оди до Врховниот суд затоа што одбиле да ѝ послужат бесплатна вода од чешма, а сега пресудата пристигна од Италија.

Врховниот касационен суд на Италија пресуди дека петзвездениот хотел во Доломитите не постапил незаконски кога одбил да му послужи вода од чешма на гостинот, со образложение дека не постои законска обврска угостителските објекти да обезбедуваат бесплатна вода од јавната водоводна мрежа.

Како што објави Би-Би-Си, Врховниот суд на Италија ја отфрли жалбата на туристка која бараше отштета во износ од 2.700 евра поради, како што изјави таа, емоционална и материјална штета откако не ѝ била понудена вода од чешма во ресторанот на петзвезден хотел во градот Корвара за време на скијачката сезона во 2019 година.

Наместо тоа, персоналот ѝ понудил флаширана минерална вода по цена од седум евра.

Туристката тврдеше дека нејзините потрошувачки права се прекршени и дека водата од чешма е фундаментално право, наведувајќи дека нејзиното обезбедување треба да биде стандардно како „чаршафи во креветот“ или „сапун во бањата“.

Сепак, судот заклучи дека италијанските закони и прописи не ги обврзуваат угостителските објекти да им служат вода од чешма на гостите, туку дека одлуката за ова им е оставена на самите објекти. Адвокатот на хотелот, Силвио Беларди, изјави, според весникот „Кориере Алто Адиџе“, дека судот јасно утврдил дека „нема обврска за послужување вода од чешма“.

Како што забележува Би-Би-Си, од друга страна, угостителските објекти во Англија и Велс имаат законска обврска да обезбедат бесплатна вода за пиење на барање на гостинот.
The post Туристка тужела хотел во Италија: ѝ наплатиле седум евра за вода, стигнала пресудата appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: