Австралијка роди идентични четворки по екстремно ретка бременост

Австралијката Џенитар Сау На’амоана роди идентични четворки во болница во Квинсленд, по бременост што лекарите ја опишаа како исклучително ретка.

Бебињата се родени во Кралската болница за жени во Бризбејн, а бременоста била природна и настаната од едно оплодено јајце кое се поделило на четири. Специјалистот за мајчино-фетална медицина, д-р Алекса Бендал, изјавила дека станува збор за исклучително необичен случај:

„Сметаме дека веројатно е околу еден на 15 милиони шансите оваа бременост да се зачне спонтано. Не мислиме дека ова некогаш се случило во Австралија.“

Експертите наведуваат дека веројатноста за природно зачнување на четворки е околу 1 на 700.000, додека повеќето вакви бремености се постигнуваат со помош на медицинска технологија. Болницата соопшти дека Наамоана и нејзиниот сопруг Џортам не планирале да имаат ново бебе бидејќи веќе имаат четири деца и дека веста за бременоста ги изненадила.

Бременоста носеше висок ризик од компликации, особено затоа што фетусите делеа една плацента. На’амоана беше под надзор на голем медицински тим од 10-тата недела од бременоста, а беше примена во болница во 25-тата недела за континуирано следење на нејзината состојба. Девојчињата се родени со царски рез на 14 јули.

Бендал рече дека мајката и бебињата се добро. Девојчињата, по име Емили, Хариет, Катерина и Алекса, се наоѓаат на одделот за интензивна нега за новороденчиња, а едно од нив го добило името по докторот како знак на благодарност од семејството.
The post Австралијка роди идентични четворки по екстремно ретка бременост appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: