Одбележана 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор

 Со панел-дискусија посветена на досегашната имплементација и идните предизвици беше одбележана 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор, во организација на Министерството за односи меѓу заедниците во Клубот на пратениците.
На панелот беше истакната потребата од продолжување на реформите, зајакнување на децентрализацијата, владеењето на правото и европската интеграција, како и подобрување на квалитетот на јавните услуги.
На панелот учествуваа универзитетски професори, експерти, поранешни дипломати, политичари, новинари и претставници на граѓанското општество

 – Сметам дека како држава сме созреани да имаме капацитет веќе да ги надминуваме етничките линии и да градиме вистинско граѓанско општество што е насочено пред сѐ на предизвиците на 21-от век и времето во коешто ние живееме. Бидејќи институциите, системот, државата му припаѓаат на граѓанинот пред сѐ, нагласи министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на панел-дискусијата „Иднината на Охридскиот договор и градењето одржлив мир“, по повод 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор.
Министерот истакна дека денешната дебата нема за цел да се навраќаме на 2001-та година, туку да дадеме одговор на прашањето каква држава сакаме да имаме во 2051-ва година, што според него значи да ги научиме лекциите од минатото, но многу повеќе да бидеме фокусирани за идниот развој на нашата држава.
Тој истакна дека правата се трајни, но општествата се тие коишто мораат да напредуваат и оти нема дилема дека стекнати права од уставно-правна гледна точка или гледна точка на човекови права во еден поширок поим, не се права на коишто се навраќаме и ги преиспитуваме.
– И тука моја најголема грижа, ако ме прашувате која е мојата најголема грижа од политичка гледна точка во нашето општество, е дека сѐ уште постојат поединци и политички субјекти, пред сѐ политички партии, коишто се обидуваат да се наметнат како сопственици на една заедница по етничка линија. Какo само тие да се тие коишто штитат права на една етничка заедница или се грижат за одржување на стабилноста на меѓуетничките релации коишто постојат во државата. И тоа е најпасното, најопсаната теза којашто можеме да дозволиме да постои во нашата држава, потенцира Муцунски.

Според него, на пример политиката на привлекување на странски инвестиции не е политика што е насочена кон една етничка заедница, таа е политика за сите граѓани.
– ​Ние пред сѐ ако погледнете било која политика којашто се гради во рамките на државата, еве политиката на привлекување на странски директни инвестиции – кога се отвора нов субјект, претстава, значи странска компанија којашто доаѓа во нашата држава, кога таа вработува, таа не гледа дали лицето коешто го вработува го носи името Вјоса или Виктор, таа гледа да вработи државјанин на нашата држава, да обезбеди квалитетно работно место и да го вработи најдобриот можен кадар. Политиката на привлекување на странски инвестиции не е политика што е насочена кон една етничка заедница, таа е политика за сите граѓани. И тоа важи и за образовната политика, и за здравствената политика, како што се градат субјекти на јавното здравство, објекти на јавното здравство — на територијата на Скопје, се градат и во Штип, и во Тетово, и во Гостивар, се инвестира во целата држава, истакна шефот на дипломатијата.
И тоа, додаде министерот, е првата порака којашто треба како општество да ја пратиме – дека ние треба да бидеме насочени кон развојни политики кшто ја обединуваат државата, а не политики што ја делат и коишто се обидуваат да наметнат дека само некои субјекти и некои поединци ги штитат пошироките интереси на државата.
Министерот за односи меѓу заедниците Агон Ферати порача дека 25-годишнината не треба да биде само потсетување на минатото, туку можност вниманието да се насочи кон иднината, зајакнувањето на владеењето на правото и развојот на поинклузивно општество.
-Овој настан не е само за одбележување на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор. Тој е можност нашето внимание да го насочиме кон иднината – кон зајакнувањето на владеењето на правото, развојот на едно поинклузивно општество и, особено, кон градењето капацитети и создавањето повеќе можности за младите – истакна Ферати.
Поранешната дипломатка на ОБСЕ, Кларис Пастори, која била ангажирана во Македонија во периодот на преговорите и имплементацијата на договорот, оцени дека Охридскиот рамковен договор е повеќе од мировен договор, бидејќи ги штити човековите права, ги вклучува заедниците во институциите и ја зајакнува демократијата преку правичната застапеност и децентрализацијата.
Свеченото одбележување на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор продолжува и утре, 13 август, со активности организирани од Министерството за односи меѓу заедниците.

The post Одбележана 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор appeared first on Provereno.

Пронајдете не на следниве мрежи: