Шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, предупреди дека нов напад врз Иран би можел да ја чини Европа многу повеќе од 100 милијарди евра, откако германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека европската економија и потрошувачите веќе претрпеле толку многу дополнителни трошоци поради зголемувањето на цените на енергијата предизвикани од војната.
Во објава на Икс, Арагчи потсети дека Мерц ги поздравил нападите на САД и Израел врз Иран минатата година, велејќи дека Израел ја работи „валканата работа за сите нас“.
„Сто милијарди евра не се ништо во споредба со разорниот удар што моќните вооружени сили на Иран ќе им го нанесат на оние што се осмелуваат да му наштетат на нашиот народ“, напиша Арагчи, додавајќи дека „црвените линии се минато“.
Слична порака испрати и секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Мохсен Резаи, кој ги критикуваше европските влади за загриженост за економските последици од војната.
„Кога ги поддржувавте воените злосторства, дали мислевте дека последиците нема да ве погодат? Војната и теророт имаат своја цена. Сега е вашиот ред да ја платите“, напиша Резаи на Икс.
Мерц вчера, за време на посетата на Сеул, изјави дека повисоките цени на енергијата поврзани со конфликтот во изминатите осум месеци ја чинеле Европа повеќе од 100 милијарди евра.
Тој рече дека Германија ги интензивира дипломатските напори за завршување на војната и оцени дека конфликтот „не може да се реши со воени средства“.
Германскиот канцелар истакна дека Европа има економски интерес да го заврши конфликтот што е можно поскоро, бидејќи економијата и потрошувачите веќе ги сносат дополнителните трошоци поради зголемувањето на цените на енергијата.



