Разбирам да си член или симпатизер на партија, но да поддржуваш човек за кого е совршено јасно дека соработувал со туѓи разузнавачки служби никогаш нема да разберам, а уште помалку да прифатам.Разбирам да не ја поддржуваш или да не ја сакаш оваа владејачка структура, и тоа од повеќе причини, заради лично убедување, заради фамилијарна традиција, заради по твое видување погрешни политики, заради ако сакате и лични интереси, но никогаш нема да разберам да се поддржува човек кој е спремен да седне на маса со оние кои не само што не ја сакаат оваа власт, туку не ја сакаат и оваа држава и со нив заедно да крои стратегија.
Патриотизмот не е мит, треба да го живееме секој ден. Патриотизмот не е во приказните, туку е во денешницата. Ќе опстоиме ли такви какви што сме и ќе бидеме ли подобри? Имаме ли заеднички линии од кои никој нема да отстапи? Името, јазикот, идентитето, унитарноста на државата се точки од кои никој нема право да отстапи, да се пазари или да тргува. Нема прашања на кичми, тактики, политика или дипломатија. Јасно е како бел ден. И овој ден, и денот пред пет години, пред десет, дваесет и пеесет години. Ниту нашиот опстој е различен, ниту желбата на туѓинците е различна. Едноставно со некои од нив сме на различни страни веќе со векови, а и ќе бидеме така уште долго време. Пазар со нив, нати го-дај ми го, договори, средби и слични глупости се грев и срам, не само за тој што ги прави, туку и за тие што прифаќаат и толерираат.
За се има граница. И за власта и за опозицијата. Натпреварот треба да биде за тоа кој нуди подобра програма за граѓаните, кој предлага поправедна и поперспективна даночна политика, кој гради повеќе, кој се грижи за земјоделците, кој се грижи за социјално ранливите семејства, за образованието, кој сака да направи подобро здравство, кој има капацитет да отвори повеќе работни места, кој работи и работел чесно и транспарентно, кој е достапен за граѓаните, кој има повеќе знаење и капацитет да ја застапува државата пред меѓународната заедница, кој создава повеќе пријатели, кој се грижи за инфраструктурните и комунални потреби на граѓаните, кој води сметка за правата на работниците, кој инвестира во науката, кој помага на бизнисите. Тоа е натпреварот, зошто ако така е поставен граѓаните ќе се во неговиот фокус, а не желбите и амбициите на политичарите.
Да се тргне против својата држава, да се тргне против националните и државни интереси, да се биде спремен за промена на име и идентите, да се тргува со оние кои јавно кажуваат дека не сакаат да прифатат опстојување на Македонија значи премината граница, значи забеганост во својата болна желба за власт и значи спремност за предавство. Тука никој не смее да молчи, никој не смее да се трга настрана, да набљудува и заради своја партиска припадност да аминува и толерира.
Замислете лидер на опозиција во Грција да е фатен како соработува со турската тајна служба или пак со нашата, како би изгледало тоа? Како таму, во грција, ќе го коментираат? Како таму ќе го прифатат? Замислете како спрема него ќе се однесуваат членовите на неговата партија?
Што е поважно? Да се биде на власт или да се помогне на туѓите странски служби? По правило, туѓите странски служби имаат различни интереси од интересот на твојата држава. Дури и најпријателските држави имаат различни интереси и приоритети со кои се спремни да тргуваат на сметка на интересите на твојата држава, а да не правиме анализи за тоа какви различни, дури и непријателски позиции имаат службите на некоја од соседните држави. Се изнаслушавме говори и се изначитавме текстови на сегашни и поранешни министри за одбрана, за надворешни работи, премиери, претседатели, советници, членови на државни кабинети кои отворено зборуваат дека нашата држава не треба да постои и дека треба да се почека (или да се помогне) додека таа не се распадне или додека сама не прифати да се откаже од себе. Сте се запрашале ли кој е нивниот интерес? Зошто сакаат да предизвикаат дестабилизација во Македонија? Зошто сакаат да помогнат да се смени власта? Зошто сакаат во Македонија на власт да бидат луѓе кои се склони на нечесни работи и кои не се склони на опстој и конзистентност на своите ставови? Тие имаат свои причини и свој интерес, а како ќе го тераат зависи од тоа дали ние сме единствени по клучните прашања и дали ние имаме сила како општество да ги исфрлиме оние кои не се грижат за нас, туку се грижат што поскоро да дојдат на власт.
Што ветиле овие луѓе и што се спремни да сработат за возврат на помошта која ја добиваат од туѓи странски служби никој од нас не знае, но знаат тие самите, нивната совест и нивната свест. А граѓаните знаат да го видат тоа, ќе го видат и ќе постапат онака како што тие знаат.
Да се дојде на власт значи да се добие довербата на граѓаните, а не значи да се уценува и да се принудува државниот врв на постапки спротивни на нивното убедување и тоа се нелегално, незаконски и неуставно прибрани сомнителни и дискутабилни сознанија. Да се дојде на власт значи да се има поддршка од граѓаните, а не од туѓите странски служби. Да се дојде на власт значи да се смени Владата во легална и легитимна постапка базирана на интересот на државата и граѓаните, а не со пучеви, принуди, насилство и закани. Да се дојде на власт значи да се има доблест да се спротистваиш на оние за кои знаеш дека не ја сакаат твојата држава, а не со нив да седиш и кроиш стратегии.
Ги жалам сите оние кои мораат да си ги одработат странските пари за да спроведат стратегија на туѓи интереси. Ќе ги жалат и ќе се срамат од нив и нивните поколенија. Ако си против оваа власт, мери и сечи до каде можеш да одиш и оди, но немој да тргнеш против својата држава.
Илија ДИМОВСКИ за ДНЕВНИКРазбирам да не ја поддржуваш или да не ја сакаш оваа владејачка структура, и тоа од повеќе причини, заради лично убедување, заради фамилијарна трад