Ѓи постите велигденските пости? Еве неколку рецепти на вода

Ќофтиња од леќа
леќа, хељда, морков во ист сооднос (на пр. по ½ шолја од сите)
средината од 2-3 парчиња стар леб
по желба праз/кромид/лук/магдонос
сол, бибер, кари, вегета
Постапка:
Леќата се вари околу 30 мин. (да биде цврсто зрното) и се цеди. Хељдата се мие, се вари во малку вода (колку да ја покрие), првата вода се фрла; во втората вода се додава сол; кога ќе ја впие целата вода тогаш е сварена. Морковот се бари на пареа или се вари (ако се употребува праз истата постапка како за морковот).
Зеленчукот се сечка на ситно, се меша со леќата и хељдата (ако нема хељда, може ориз или просо), се додава сув леб и се зачинува по вкус. Смесата се меша убаво, се остава да отстои за да го впие вишокот течност, се обликуваат ќофтиња (или ќебапи). Се редат во тавче посипано со брашно (може палента или презла место брашно) и се печат во претходно загреана рерна до 200°С околу 40 минути до 1 час.
Паштета од ореви
4-5 компири
250 гр. мелени ореви
1-2 лажици доматно пире
1-2 лажици сенф
Сок од ½ лимон
Сол, бибер, ситно сечкан млад лук и кромид по вкус
Компирите се лупат, се варат (како за пире); кога ќе се свари водата се одделува (не се фрла, по потреба се додава во пирето). Компирот се пасира, се додаваат оревите и другите состојки. Се меша со миксер и се дотерува по вкус со зачините.
Хумус
200-250 гр. варена леблебија се меле во мелница за кафе. Се додава сенф, сол, сок од ½ лимон, млака вода (од варењето) колку да се добие густина на паштета. На крајот се додава толчено лукче по вкус.По желба може да се додаде таан.Во звисност од вкусот додајте буковец, чили, маслинки…
Крем супа
4-5 компири
2 лажици таан
Сок од ½ лимон
Сол, бибер, копар/магдонос
Излупените компири се варат во толку вода колку да се покријат компирите. Кога ќе се сварат се вадат од водата и се ладат. Изладени се ставаат во блендер со 1 чаша ладна вода, таан и лимон. Се блендира и се истура во водата во која бил варен компирот. Се додава толку вода колку да се добие густина на крем-супа. Се остава да зоврие и се зачинува со сол, бибер и копар или магдонос.
Ова е основен рецепт за крем-супи на вода. Може да се употребуваат многу комбинации: компир + морков, компир + печурки, компир + грашок, компир + спанаќ, компир + праз, компир + брокула и сл.
Бистра супа од зеленчук
1-2 моркови
½ кг. спанаќ
1/3 пашканат
1/3 корен од целер
1 шака овесни снегулки или пченични никулци
Сол, бибер, вегета
Морковот, пашканатот и целерот се сечкаат на коцки и се варат во малку вода. При крајот од варењето се додава вода по потреба (литар и пол до два), се остава да зоврие, се додава крупно исечен спанаќ и овесните снегулки или никулците и сето тоа се вари 5-6 минути. Вкусот се дотерува со сол, бибер, вегета.
Овој рецепт може да се користи за други комбинации: брокула, компир, карфиол, блитва и сл. Наместо овесни снегулки или никулци може да се употреби фиде без јајца, други посни тестенини или ориз.
Салата од цвекло
3-4 варени или печени корени цвекло, или свежо
1-2 свежи моркови
Прелив:
2 лажици таан
1 лажица сенф
млака превриена вода
малку сок од лимон
сол по вкус
Подготовка: Излупените цвекло и морков се рендаат на крупно. Состојките за преливот убаво се мешаат да се добие изедначена маса, се посолува по вкус. Може да се додаде ситно сечкано младо или старо лукче и/или кромитче. Се прелива салатата.Овој прелив се употребува и за други салати. Во преливот може да се додаде оцет место сок од лимон. За салати со компир може наместо лимон и лажица од доматно пире.
Салата од боранија (брокула)
200-300 гр. варена боранија или брокула
1-2 варени моркови
Плус варен зеленчук по желба:
грашок од конзерва или варен
пченка од конзерва или варена
Подготовка:боранијата (брокула) се сечкаат на крупно, се додаваат морковите исечени на коцки или стапчиња + грашок/пченка или папудо околу 100гр. Се зачинува со горе напишаниот прелив.
Салата од марула со компири
4-5 компира
1 средно голема марула
Компирите се варат во лушпа, изладени се лупат и се сечат на тенки тркалца.
Марулата убаво се суши во крпа, се сече на ситно, се меша со компирот и се зачинува со преливот (таан, сенф, сок од лимон, сол, црн пипер).
Маринирана брокула
1 кг. брокула
5 л. вода + 50 гр. сол + 3 гр. лимонтус
Состојки за маринада:
1 ½ чаша оцет, 2 ½ чаши вода, ½ лажица шеќер, 20 зрнца бибер, 1 ловоров
лист и 1 лажица сол.
Брокулата се вари во водата со додатоци (малку, 6-7 мин., затоа што омекнува во маринадата), се цеди, се става во стаклен сад. Состојките за маринада се ставаат во тенџере и се оставаат да зовријат. Додека е уште жешко се прелива преку варената брокула и се остава да се лади без капак.
Изладено, може да се стави во фрижидер. Се служи како гарнир со риба, ќофтиња и сл.
На таков начин може да се приготват тиквички, свежа зелка, карфиол и сл.
Десерти (без масло)
Слатки макарони
250-300 гр. макарони
2-3 лажици сечкани ореви
4-5 лажици шеќер
1-2 лажици мед
3-4 лажици кокос
1/2 посно чоколадо за готвење
Макароните се варат на вообичаен начин во вода со малку сол. Веднаш по цедењето се додава мед за да не се залепат и се промешува. Потоа се додава шеќер, ореви (сечкани или мелени) и кокос. Сето тоа лесно се меша и врз тоа се става чоколадото стопено со малку вода.
Гриз торта
1,3 л. вода
15 супени лажици шеќер
6 супени лажици соино млеко во прав
250 гр. пченичен гриз
може и 50 гр. кокос, по желба
1 л. вода
3 пудинзи од чоколадо
100 гр. чоколадо за готвење
12 супени лажици шеќер
6 супени лажици соино млеко во прав
1,3 л. вода треба да зоврие со 15 лажици шеќер, се додаваат 6 лажици соино млеко во прав и постепено се додава 250 гр. гриз и се меша на тивок оган околу 5 минути.
Додека е уште жешко се става во тавче со средна големина.
Во 800 мл. вода се става 6 лажици соино млеко во прав. Додека зоврива водата, на страна се разматуваат 3 пудинзи со 12 лажици шеќер во 200 гр. ладна вода, што потоа се додаваат во зовриената вода. Заедно се вари 2-3 минути. Додека е уште жешко се додава 100 гр. посно чоколадо за готвење.
Додека е пудингот уште жежок се става врз уште топол гриз. Може одозгора да се нароси со кокос или цимет.Кога ќе се излади, се става во фрижидер. Потоа се сече на коцки и се сервира.
Светогорски колач
6 супени лажици џем
10 супени лажици шеќер
1 кесичка цимет
кора од 1 лимон и 1 портокал + сок од 1 портокал
1 супена лажица сода бикарбона + малку прашок за пециво
500 гр. брашно
¼ л. млака вода
1 шака сечкани ореви (може да се додаде суво грозје, урми)мармалад од кајсии
150 гр. посно чоколадо за готвење
Џемот и шеќерот се матат со миксер за да се добие изедначена смеса, се разредува со вода, се додава цимет, рендана кора од лимон и портокал, сок од портокал, ореви, суво грозје и полека, со мешање, се додава брашното помешано со сода бокарбона и со прашок за пециво.
Смесата добро се изедначува со мешање и се става во тефлонска тава. Сместа не смее да биде премногу тврда (треба лесно, со мокра рака да се изедначи површината да биде мазна). Се става во умерено загреана рерна. Се пече околу 25-30 минути. Се проверува дали е печено (со чачкалица). Откако рерната ќе се исклучи, колачот се остава внатре уште неколку минути. Уште топол, колачот се премачкува со 3 супени лажици истопен мармалад од кајсија, а врз него се става чоколадна глазура.
Торта со мед
100 гр. шеќер + 1 чаша вода
1 лажица сода бикарбона
2 лажици мед
250 гр. шеќер
500 гр. брашно (300 гр. брашно + 100 гр. кокос + 100 гр. гриз)
Од шеќерот и водата се вари шербет, се додава сода бикарбона, мед, шеќер и брашно. Сето ова добро се меша, се истура во подмачкан плех или плех наросен со брашно и се пече. Изладената торта се премачкува со глазура од шеќер, карамел или какао прелив.
Пред печењето, во тестото може да се стават смокви, урми, суво грозје, суви сливи.
 
Тути фрути
1 чаша интегрално (или некое друго) брашно
1 чаша пченични никулци
1 чаша овесни снегулки
1 чаша сечкани суви урми
1 чаша сечкани суви смокви
1 чаша суво грозје
1 чаша рендан морков
1 чаша кокос
1 чаша сечкани ореви
Рендано јаболко или сок од јаболко (вода од варена пченица, друг овошен сок и сл.) колку да се замеси
Малтекс (слад од јачмен) или друг слад/шеќер по вкусВанилин шеќер, цимет
Убаво се измесува, се обликуваат салами и се пече не на јако (до 200 °С) најмалку 40 минути во претходно загреана рерна.
Напомена: состојките се по избор, само да се води сметка замената да биде слична на заменетата состојка (на пр. ако не ставиме никулци, да се додаде снегулки или брашно и сл.). Саламите подобро ќе се испечат ако се со помал обем. Може откако ќе се изладат да се премачкаат со џем и да се ставичоколаден прелив.
Десерти со масло
Пита со јаболки
300 гр. брашно
200 гр. маргарин
100 гр. шеќер
сок и кора рендана од 1 лимон
ванилин шеќер
За фил:
Околу 1 кг. јаболка (не повеќе)
4-5 лажици шеќер
½ пакетче цимет или 1 лажичка
Се прави дупка во брашното во која се става шеќерот, сите состојки и на крајот на тенки плочки исечен маргарин (не топен). Се замесува тесто и пожелно е да отстои ½ час до 1 час во фрижидер. Се прават 2 топки од кои се прават 2 кори. Тавчето се мачка со маргарин, се става првата кора, па филот (по желба врз филот се става пченични никулци или малку гриз; јаболките пред да се стават, се цедат). Потоа се става втората кора; се набодува со вилушка на повеќе места и се пече на 200 °С околу 30-35 мин.
Жербо коцки
350 гр. брашно
2 супени лажици шеќер
сок од 1,5-2 лимона + рендана кора
1 супена лажица јаболков оцет
200 гр. посен маргарин
1 мала коцка квасец
малку сол
1 прашок за пециво + 1 ванилин шеќер
За фил:
200 гр. мелени ореви
200 гр. шеќер
3-4 супени лажици загреан мармалад од кајсија
150 гр. посно чоколадо за глазура одозгора
Од горенаведените состојки се замесува еластично тесто, се завиткува во проѕирна фолија и се става во фрижидер да отстои половина час. Потоа се дели на три дела се сукаат три тенки кори, една по една. Кога ќе се расука првата кора, се става во подмачкан плех, се премачкува со 1-2 лажици загреан мармалад (целосно да биде премачкано), се посипува со половина смеса мелени ореви и шеќер. Врз тоа се става втората кора и постапката се повторува. Врз третата кора не се става ништо, туку таа се прободува на неколку места со вилушка. Се става во згреана рерна и се пече околу 30 минути на околу 200 °С. Додека е уште топло се прелива со глазура, се остава да се излади и се сече на ромбови.
Посна карамел торта
500-600 грама посни бисквити
3-4 супени лажици слатко или мармалад од портокал
2-3 супени лажици мармалад од кајсија
100 грама (за глазура) посно чоколадо
Крем:
400 грама шеќер
5-6 супени лажици посно млеко во прав
1 л. вода
3 пудинга од ванила
200 грама маргарин
1 ванила шеќер
200 грама халта (блага, посна)
2-3 супени лажици нес-кафе во 1 чаша млака вода
Прво се прави кремот: на страна се подготвува 1 л. врела вода со разматено посно млеко. На тивок оган се пржи 400 грама шеќер, со мешање, додека да стане карамел.
Потоа веднаш се тргнува на страна и во тоа се додава, мешајќи, подготвеното жешко млеко. При додавањето може да се направи пења, но тоа е нормално. Само за кратко тогаш треба да се прекине со мешањето, па да се продолжи. За да се стопат сите грутки од шеќерот треба млекото со карамелот да се вари на тивок оган 5-10 мин. Кога шеќерот сосема ќе се стопи, тенџерето се тргнува од огнот и во него се додаваат подготвени пудинзи (разматени само со малку вода). Потоа пак се враќа на огнот, севари неколку минути додека не стане густо. Треба да биде толку густо за кремот да не тече.
Во изладен крем се додава маргарин, претходно добро изматен со ванила шеќер. Потоа се додава претходно изматена халта (ако кремот излезе помек, не треба да се додава целата количина халта, туку само лажица-две за вкус, а останатото може да се искористи за украс).
Потоа се прави премаз: мармаладот треба малку да се подгрее на тивок оган, со мешање. Треба да се добие полутечна уедначена смеса. Потоа се меша со слаткото од портокал и заедно се пасира.
Бисквитите, пред да се наредат, се потопуваат еден по еден во нес-кафето разматено во вода. Се редат во три слоја, така што врз секој слој бисквити најпрво се става тенок слој од премазот, па врз премазот кремот. Значи, на крај доаѓа кремот со кој се премачкува тортата и странично. Врз тоа се става глазура. Тортата треба да отстои една ноќ во фрижидер.Ќофтиња од леќа
леќа, хељда, морков во ист сооднос (на пр. по ½ шолја од сите)
средината од 2-3 парчиња стар леб
по

Пронајдете не на следниве мрежи: