Гошева: Ултиматумите за СЈО се политички удар на Уставниот суд

Ниту партија ниту граѓанско здружение не може да прави свои интерпретации на Уставот, бидејќи за тоа ниту се надлежни ниту се стручни, пишува Дневник.Само Уставниот суд може да го прави тоа и да ги цени уставноста и законитоста на правните прописи, дури и кога тие имаат политичка димензија. Ова е ставот на претседателката на Уставниот суд, Елена Гошева, откако минатата недела припадниците на „Шарената револуција“ го испорачаа ултиматумот оваа институција да се изјасни за уставноста на Специјалното јавно обвинителство на Kатица Јанева. Тие изрично бараат Уставниот суд да донесе одлука дека СЈО е уставно, а, во спротивно, се закануваат со радикализирање на демонстрациите. Истото барање го испорача и опозицискиот СДСМ, кој ултиматумот и притисокот врз Уставниот суд ги испорачаа замрзнувајќи го своето учество во Собранието. Гошева за „Дневник“ вели дека вакви притисоци од страна на политички субјекти се недозволиви и оти ги смета за политички удар врз Судот.
– Kоја било политичка структура во рамките на манифестирањето на својата политичка идеологија или здружение што ја изразува својата идејна поставеност, не може да креира свои лични интерпретации на Уставот. Затоа што не само што за тоа нема надлежност и стручен кредибилитет, туку и затоа што како и во секоја друга држава, кај нас согласно Уставот, интерпретацијата на уставните принципи и норми го врши единствено Уставниот суд. Тој има уставна основа за тоа и го изразува преку оценката на уставноста и законитоста на многу закони и прописи, вклучително и предметите што се со политичка димензија – вели Гошева.
Политички цели на негирањето на институциите
Според најавата за дневниот ред на денешната седница, не е предвидено уставните судии да расправаат за иницијативата на Тодор Петров за оценка на уставноста на СЈО и која е предмет на условувањата и ултиматуми. Гошева предупредува дека таквите условувања можат да се претворат во редовна пракса на политичките партии.
– Ги слушам негирањата упатени кон Уставниот суд, притисоците за начинот како треба да работи и одлучува и не ми е јасно како тие мислат дека таквото работење нема во иднина постојано да биде пракса и на други политички организации, ако ова сега се прифати. Една опозициска политичка партија изјавува дека немала да учествува во Собранието додека Уставниот суд не се изјаснел за предметот што се однесува за оценка на уставноста на Законот за специјалното јавно обвинителство. Потоа, ни се случува во континуитет жигосување со име и презиме на уставни судии, кои се делат на неподобни и подобни, медиумски се објавува идентитетот на конкретни уставни судии задолжени за конкретни предмети и покрај фактот што Уставниот суд одлучува како колективен орган – вели претседателката Гошева.
Таа се сомнева дека Уставниот суд и неговите судии намерно се внесуваат во амбиент обоен со политика и притисок и оти нејзиниот впечаток е дека тоа е дел од поширок систем да се негираат институциите на државата со цел постигнување политички цели.
– Меѓутоа, Уставниот суд не е политички орган и повторувам „не“ со притисоците врз него. Демократијата не е политика на хаос, агресија, притисок и негирање. Впрочем, Уставот ги постави основите на системот на нашата земја и никој нека не очекува дека ќе создава паралелен систем по своја замисла затоа што така сака и му е во интерес. Уставниот суд нема да трпи притисоци и да работи по барања на политичките субјекти – вели таа.
Сите станаа експерти за уставно – неуставно
Според неа, последниве неколку години ќе бидат запаметени во меморијата на Уставниот суд како период во кој голем број субјекти, без оглед на професија, дејност, образование, функција, политички или граѓански активизам, се занимаваат со уставно – неуставно.
– Од каде го црпат тоа право? Политичката идеологија на партиите и идејната поставеност на здруженијата не ги прави уставни експерти и релевантни фактори, кои сиот капацитет на своето дејствување го насочуваат кон уставно-правни теми за кои многумина и не ги познаваат или намерно искривено ги изнесуваат. Ова не ги спречува да дејствуваат интензивно и агресивно, со навреди преку печатени и електронски медиуми, фрлање бои по објектот на Уставниот суд и омаловажување на уставните судии. Тоа не е ниту демократија, ниту позитивна политичка идеологија, која бара свое место во државната власт со цел добросостојба за народот и државата, туку тоа имплицира на политичко групирање за институционален политички удар, спротивно на уставните принципи за владеење на правото и правната сигурност на граѓаните – вели Гошева.
Таа потсетува дека Уставниот суд не е дел од организацијата на државната власт – законодавната, извршната и судската, ниту е инстанционен суд или политички орган како што од многумина, а, за жал, и од делот на интелектуалци и правници, се третира.
– Тоа е така поради тоа што тие не ги познаваат анатомијата на уставниот систем и институционалната поставеност во државата. Или не се познава во целост или е погрешно научена или едукативниот сегмент не бил доволно успешен – смета таа.
Метод на самоистакнување преку омаловажување
Претседателката на Уставниот суд вели дека поединци што го напаѓаат овој состав на Судот како некомпетентен, всушност, ја користат институцијата за да се истакнат себе, бидејќи друг квалитет немаат.
– Јас имам право од функцијата што ја носам да укажам и на една друга страна. Таа произлегува од идејното и политичкото самопромовирање на одредени личности на штета на институционалниот интегритет на Судот. Тие „лидерски“ и прокламаторски ги презентираат своите квалитети како нешто многу повисоко и над сегашниот „некомпетентен“ статус на Уставниот суд, наспроти стварноста дека намерата е да го свртат вниманието на јавноста на себе со метод на омаловажување на Уставниот суд. Уставниот суд цврсто го држи повеќедецениското кормило на заштитата на уставноста и законитоста, а прашањето е каде тие поединци го изгубиле својот компас на дејствување, па им треба некој друг да го негираат за сами себе да се издигнат. Kаде е нивниот оригинален и уникатен квалитет? Зошто се држат за Уставниот суд како неизбежен адут да се истакнат? Зошто тоа не го сторат без него, во сферата на професијата, емпиријата, делата? Очигледно го немаат потребниот капацитет! – вели таа.
 Само Уставниот суд може да го прави тоа и да ги цени уставноста и законитоста на правните прописи, дури и кога тие имаат политичка димензија. Ова е

Пронајдете не на следниве мрежи: