Текстот кој ќе го прочитате во продолжение е исповед на едно младо момче на кое единствена зависност некогаш му бил спортот…А потоа?!За време на една сесија за одвикнување на зависност од дрога, тој си ја „отворил“ душата и го раскажал своето нималку пријатно искуство :
„Бев член на угледно семејство. Син каков што секоја мајка посакува. Момче на кое единствена зависност му е спортот. Пет пати по ред ја соборував титулата првак во риболов.
Тоа за мене претставуваше зависност. Како да тогаш му беше грижа на некого за ова… Единствено што сакав е внимание, истото она внимание кое го уживаа момците кои се собираат пред училиштето… Да, јас некогаш учев во ова училиште каде што сега сме собрани.
Момците пред моето училиште доаѓаа со најубави автомобили, имаа добри девојки, а јас…? Јас постојано истражував како да најдам начин за да им се придружам.
Знаев дека пушат трава. Ми рекоа дека од неа не се станува зависен, пробуваш неколку пати и тоа е тоа. Ова ми даде идеја, прв пат пред училиштето да дојдам со марихуана…
Ова беше лага. Тешка лага на која наседнав. Таа вечер се „напушив“ и се ми беше рамно. Никој не беше над мене, никој не беше повреден од мене. Беше убаво, но нереално. Илузија од која останав зависен една година.
Почнав да излегувам на места каде се зборуваше само за таа илузија. Видов дека сите околу мене земаа екстази. Помислив во себе, ќе пробам само оваа вечер и повторно се враќам на марихуана. И ова беше уште една голема лага. Останав во тесна врска со екстази таблетите цели две години.
Потоа уште повеќе се разви мојата зависност. Почнав да другарувам со хероинот. Беше ок на почетокот, но еден ден останав без пари, а со тоа и можност да си купам нова доза.
Почнав да ограбувам трафики, продавници, се што ќе ми се најдеше на патот. Кога повеќе не бев способен ниту ова да го правам, повторно останав на дното. И без доза хероин. Почнаа јаките болки, несоница, губиток на апетитот, пролив, повраќање.
Психички бев комплетно нестабилен. Почнав да продавам вредни работи од дома, од накит, па се до кујнски апарати. Сите им зборуваа на моите родители дека се дрогирам, но тие не веруваа дека нивниот син спортист е наркоман. Се уверија во тоа откако продадов се што е вредно од дома.
По притисокот од родителите, решив да раскинам со дрогата. Започнав со детоксикации на организамот и скоро еден месец бев во подобра состојба. Но не успеав…
Мојата борба трае со години. Поточно цели седум години сум наркоман. Јас морав да продолжам да земам дрога за да останам нормален. Бидејќи по долго уживање, таа станува твое секојдневие и едноставно не можеш без неа. Кога ќе земев хероин, станував нормален, баш како и сите останати.
Не можев повеќе да продолжам да живеам во лага и илузија. Се погледнав себеси пред огледало и кажав НЕ! Морам да побарам стручна помош, затоа сум сега овде со вас. Знам дека не е лесно да се одвикнам, но се борев и ќе се борам до крај!
Кажете и и вие НЕ на дрогата!
Избери живот, а не дрога! Животот е дар, не го уништувај!
Убавината не е во илузијата, убавината е во реалноста која можеш да ја надминеш, а не целиот свој живот да го поминеш како кукавица која ќе се напуши !“За време на една сесија за одвикнување на зависност од дрога, тој си ја „отворил“ душата и го раскажал своето нималку пријатно искуство



