Кога еден политичар ќе згреши, си оди – не се извинува!

Loading...

За мојот огромен превид, НСДП да го поддржа Никола Груевски за премиер, ви се извинувам и вам и на граѓаните на Република Македонија, се зборовите што викендов при реизбор за лидер на партијата ги кажа Тито Петковски, пишува „Дневник”.Тој е еден од политичарите во Македонија кои побарале прошка од сопартиjците и од граѓаните за погрешните политички процени во минатото. Има ли искреност во овие зборови на политичарот? И што добиваат граѓаните од ваквите политички извинувања? Ова се дилемите што се наметнуваат по зачестеното јавно извинување од страна на политичките лидери. Оцената на комуниколозите и на аналитичарите е дека извинувањата на политичарите би имале ефект кај јавноста само ако се проследени со конкретни чекори дека грешките нема да се повторат или со заминување на политичарот од политичката сцена. Спротивно, станува збор за маркетиншки потег, смета весникот.
Најмногу извинувања на македонската политичка сцена има дадено поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски.
Под притисок на јавноста, само изминативе неколку години тој се извини неколкукратно. Во декември 2010 година се извини за невкусните изјави на Зоран Заев, тогаш потпретседател на СДСМ „дека ќе јаде живи луѓе” кога ќе дојде на власт. Црвенковски се извини и за изјавите на сопартијката Ана Павловска-Данева за „Надеж” кога го сплетка името на Борут Пахор, но не на граѓанитем туку на тогашниот словенечки премиер. Слично како што тоа го направи Петковски за соработката со Груевски, Црвенковски во 2011 година се извини на граѓаните за тоа што во 1998 година коалирал со Љубисав Иванов Ѕинго. Тој се извини и за својата неумесна изјава со која ги навреди жените и семејствата на жртвите на транзицијата кои протестира пред седиштето на СДСМ.
За погрешна кадровска политика се извини и поранешниот премиер Љубчо Георгиевски зашто самиот го предложил Никола Груевски за свој наследник на лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ. Георгиевски се извини и за тоа што неговата партија го кандидра Борис Трајковски за претседател на државата, при што и се откажа од соработката со него. Лидерот на ДПА Мендух Тачи се извини на Македонците за конфликтот од 2001 година бидејќи сметаше дека барањата за правата на Албанците можеле да се решат по мирен пат.

 
Груевски, пак, од кога е премиер им се извинува на граѓаните за евентуалните грешки кои настанале поради погрешни политики. Најчеста формулација која при тоа ја користи е „кој работи и греши” и тоа во своите обраќања пред членството, потоа во честитките за Нова година, како и пред пратениците кога го бранеше своето премиерско експозе. Тој е единствениот политичар, кој за разлика од останатите, никогаш не се извинил за својата соработка со друг политичар или за некој друг свој функционер.
Единствениот кој досега не почувствува потреба за извинување е лидерот на ДУИ, Али Ахмети иако и дел од македонската јавност, но и политичари од македонскиот блок го барале тоа од него. Ова особено во контекст на „помирувањето” по 2001 година кое го пропагира токму Ахмети.
Според Лилјана Силјановска, професор по комуникологија на Штуловиот универзитет, кај политичарите се разликуваат три типа извинувања – внатрепартиско, кое е најефективно, потоа меѓупартиско, кое најчесто е формално и извинување на политичарите за теми од секојдневниот живот, кое има меѓуетнички карактер. Извинувањето, како што вели професорката, од страна на политичките елити е демократски начин на однесување што се применува и во развиените европски и светски демократии и покажува висок степен на политичка култура во комуникацијата со јавноста.
„Политичката практика кај нас покажува дека ова демократско средство е најчесто изнудена комуникациска алатка од политичкиот противник и не соодветствува со професионалните и со етички норми на политичките чинители, ниту со дадениот комуникациски миг, па оттаму влијанието врз јавноста и не е толку големо”, вели професорката Силјановска, за „Дневник”.
Според нејзе, извинувањето како манипулативна техника најчесто ја користи опозицијата, но и дека ако политичарите сакаат да предизвикаат вистински ефект, тогаш извинувањето мора да биде следено и со конкретни чекори за да не се повтори грешката.
„Сакам да поентирам дека извинувањето значи корекции во однесувањето за да нема следно извинување”, вели Силјановска за весникот.
Според Артан Садику, аналитичар од Институтот за општествени и хуманистичка науки на политичката сцена во Македонија нема одговорност и отчетност, па оттаму дејствијата на политичарите се прифаќаат бланко. Токму затоа, вели Садику, политичарите често се додворуваат на граѓаните со маркетиншки гестови и тоа без никаква реална политичка консеквенција.
„Со самиот чин на извинување на неколку политички фигури во Македонија, се воспоставува практика на неодговорност и слободно јавање на политичката сцена, токму поради фактот што понесувањето одговорност е оставена на слободната волја на самите политичари”, вели тој, за „Дневник”.
Аналитичарот посочува дека граѓаните се тие што треба да го казнат неодговорното однесување на политичарите.
„Влогот во политиката е секогаш огромен, па затоа во таа сцена не може да се дозволи користење на прошката како политичка алатка. Секоја посериозна грешка во политиката е непоправлива и затоа одговорните политички претставници мора да бидат отстранети од сцената по сила на граѓанска интервенција со петиции, гласање и протести”, вели Садику.
Во таков случај, смета аналитичарот, извинувањето може да остане само како морален акт на политичар кој заминал од сцената.Тој е еден од политичарите во Македонија кои побарале прошка од сопартиjците и од граѓаните за погрешните политички пр

loading...
Loading...