Како изминуваат деновите, полека, но сигурно, вистината излегува на виделина. Откако една по една картите се ставаат на маса и од претседателите на политичките партии, Зоран Заев и Али Ахмети, целта е сосема јасна – спроведување на тиранската платформа во целина. Целта е јасна, да се редефинира уставниот поредок, да се урнe унитарноста на државата и со закон да се воведе двојазичност на целата територија на Република Македонија, пишува Дневник.И не се завршува само на тоа. Се отвораат вратите за дебата за прашања, како што се знамето, грбот, химната, геноцидот врз албанскиот народ и други прашања од платформата. Kрајната цел е менување на името на државата и идентитетот на македонскиот народ веќе оспорен од Зијадин Села, еден од потписниците на платформата на Албанците од Тирана, вели Михајло Маневски, поранешен министер за правда, за „Дневник“.
Тој истакнува дека е неверојатно и зачудувачки колку СДСМ и Заев лажат кога велат дека с` што прифатиле во преговорите со ДУИ било во рамките на Уставот!
– Нема уставна основа за воведување двојазичност на целата територија на РМ во сите институции и на сите нивоа, како и двојазичност при водење на судските постапки. Бујар Османи наведува што било прифатено за судските постапки, а имено „во судските седници, ако една од странките е Албанец, судија или адвокат, ако еден од присутните во судската седница е Албанец, целиот процес треба да биде двојазичен, документацијата и актите што ќе произлезат од тој процес треба да бидат двојазични“. Тоа значи дека СДСМ прифатил комплетна двојазичност и водење на судските постапки на албански јазик на сите нивоа во судовите доколку една од странките во постапката е Албанец, судија или адвокат, а тоа е целосно спротивно со Уставот – истакнува Маневски.
Двотретинско и обично мнозинство
Тој објаснува дека прашањето за употребата на јазикот при водењето на судските постапки е уредено со амандманот XXV на Уставот на Република Македонија. Според овој амандман, постапката пред судовите се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници. Употребата на јазикот во постапка пред судовите е уредено со Законот за кривичната постапка, Законот за парничната постапка, Законот за вонпарничната постапка и Законот за управните спорови, а во управната постапка со Законот за општата управна постапка и други процесни закони.
– Сите наведени закони се системски и се донесени со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници во Собранието, од кои најголемиот број во времето од 2008 до 2015 година. Законот за кривичната постапка е донесен на 17 ноември 2010 година. За негово донесување гласале 81 пратеник, односно две третини од вкупниот број пратеници на Собранието, меѓу кои и пратениците на ДУИ. Според членот 8 од Законот, во кривичната постапка службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо. Друг службен јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо во постапката се користат во согласност со законот. На никого во постапката не му е скратено правото да зборува на својот јазик. Со Законот се гарантира правото на обвинетиот, оштетениот, приватниот тужител, сведоците и другите учесници што зборуваат службен јазик поинаков од македонскиот во постапката да го употребуваат својот јазик и писмо. Освен тоа, со членот 10 се гарантира правото на граѓаните што зборуваат службен јазик поинаков од македонскиот поднесоците да може да ги поднесуваат на својот јазик и писмо, кои се преведуваат и се доставуваат до странките. Поканите, одлуките и другите писмени документи на граѓаните што зборуваат службен јазик поинаков од македонскиот јазик ќе им се достават и на тој јазик. Одредбите од Законот за кривичната постапка за употреба на јазикот во постапката соодветно се применуваат и во прекршочната постапка – вели Маневски.
Не може да се измени
Законот за парничната постапка е донесен на 15 септември 2005 година, а значајни измени и дополнувања на Законот се донесени на 25 јули 2010 и на 22 јули 2015 година. За донесување на законите гласале и пратениците на ДУИ во Собранието. Според членот 6 од Законот, парничната постапка се води на македонски јазик и неговото кирилско писмо.
– Во парничната постапка друг службен јазик и неговото писмо што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните се користат во согласност со овој закон. Припадник на заедница кој како странка или друг учесник во постапката не го разбира и не го зборува македонскиот јазик и неговото кирилско писмо има право на преведувач, а трошоците за преведувањето паѓаат на товар на судот. Судот е должен да ја поучи странката, односно другиот учесник во постапката за правото предвидено во ставовите 2 и 3 на овој член. Претседателот на советот или судија поединец е должен да ги внесе во записникот поуката на судот и изјавата на странката, односно на другиот учесник во постапката. Одредбите од Законот за парничната постапка за употреба на јазикот во постапката се однесуваат и на Законот за вонпарничната постапка, донесен исто така со двотретинско мнозинство на 18 јануари 2008 година – додава Маневски укажувајќи дека СДСМ и албанските партии не можат да ги изменат овие одредби со друг закон, како Законот за јазиците. кој би бил донесен со обично мнозинство.
Законот за управните спорови е донесен на 17 ноември 2010 година со двотретинско мнозинство, во членот 7-а се предвидува дека доколку овој закон не содржи одредби за постапката во управните спорови, соодветно ќе се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка.
Маневски прави споредба и со сличните или исти закони во другите држави. Така, истакнува дека според членот 8 од Законот за кривичната постапка на Хрватска, во кривичната постапка во употреба е хрватскиот јазик и латинското писмо. Со Законот се гарантира правото на секој учесник во постапката да говори на својот јазик, а се предвидува преведување од страна на судот. Во член 6 од Законот за кривичната постапка на Словенија се наведува дека кривичната постапка тече на словенечки јазик. Во Законот за кривичната постапка на Сојузна Република Германија се говори за јазик на судот. Во параграфот 259 се наведува дека обвинетиот кој не го владее јазикот на судот се известува преку толкувач.
– Законот за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа е донесен во 2008 година. Самиот наслов на законот говори за што се однесува, а се однесува за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа. Овој закон се донесува со најмалку 1/3 од присутните пратеници во Собранието (40 пратеници) и Бадинтерово мнозинство од присутните пратеници. Со закон што се донесува со најмалку 40 пратеници не може да се изменат или дополнат системски закони кои се донесуваат со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници, какви што се наведените процесни закони донесени и по донесувањето на тој закон, па и во 2015 година за кои гласале и пратеници на ДУИ. Kаква е таа трансформација сега наеднаш да се тврди дека двојазичноста, па и водењето на судските постапки, е во рамките на Уставот. Тоа е голема манипулација со политичка цел, да се рушат уставнoто уредување и унитарноста на државата спротивно на Уставот – завршува Маневски.И не се завршува само на тоа. Се отвораат вратите за дебата за прашања, како што се знамето, грбот, химната, геноцидот врз албанскиот народ и други