Во истражување кое според значењето е оценето дека може да ги промени официјалните оценки за Илинденското востание, Државен архив на РМ го објави првиот том од 1600 страници од „Илинденски сведоштва“. Најавени се уште 4 тома.Во април 2016 излезе од печат првиот том од едицијата „Илинденски сведоштва“ во два дела, на Државниот архив на РМ чии одговорни уредници и составувачи се др Јасмина Дамјановска, др Ленина Жила и др Филип Петровски, директор на ДАРМ. Архивот реши публикувањето на материјалите од фондот „Извршен совет на НРМ. Одбор за доделување илинденски пензии. Досиеја на признати илинденци (1946 1956)“, да биде во пет тома, а пред јавноста ќе бидат претставени документите на сите апликанти за илинденска пензија, признати и одбиени илинденци.
Дел од потресните сведоштва беа објавени во „Вечер“.
„Роден сум 1876 година во село Сопот, околија Светиниколско. Од моето детинство па се до навршената 20годишна возраст работев земјоделие при родителите. Од 1903 година бев опфатен од организацијата В.М.Р.О. Гоце Делчев. Од тогаш сум учесник во таа организација и Илинденското востание за ослободување на македонскиот народ во засебна автономна држава… Сум пренесувал оружје и водев борба со турската власт во селото Карбинци, Штипско. Вршев атентати на турските полјаци по селата кој го тормозеа македонското население. Така во село Превод, Св. Николско во 1903 година го убив полјакот кој вршел големи недела над Македонците и кој се обидел и да грабне една девојка по име Вела од с. Сопот. Ова го сторив по наредба на Организацијата… Десет дена по убиството доаѓа турската власт, ме фаќа и ме носи во Куршумлиан, каде што ми изрекува пресуда на казна „вековен затвор 101 година“ . Со објавувањето на Јуриетот, јас бев отпуштен од Затворот и се вратив во родното село Сопот. Со враќањето од затворот не престанав да работам. И понатаму продолжив се до 1912 година, т.е. се додека не настана Светската војна и така се растури Организацијата…“ Милан Миленков Ангелов, Св. Николе.
Ова е содржина на само едно од барањата кои беа упатени до Президиумот на Народно собрание на Н.Р. Македонија и Одборот за доделување на илинденските пензии на 12 мај 1951 година како доказ за револуционерно минато.
„Повикот и одлуката за познатиот 'Закон за илинденски пензии', (изгласан на 27 јули 1946 година) ќе резултираат со доставување на илјадници документи, односно досиеја на илјадници граѓани од Македонија, меѓу кои најважни се сеќавањата на овие баратели за нивното учество во предилинденскиот, илинденскиот и постилинденскиот период, опфаќајќи го периодот на Балканските војни, првата и Втората светска војна. Илинденските животни истории се дел од 43 архивски кутии, во кои азбучно се распоредени 3.000 историски досиеја на поединци, кои во периодот од 1946 до 1956 ќе се обидат својата револуционерна активност, половина век порано, да ја потврдат преку признавање и наградување од државата добивање илинденска пензија”, вели д р Филип Петровски, директор на Државниот архив на Република Македонија.
„Роден сум 1873 година. Од 1900 до 1912 година сум бил активен член на Македонската револуционерна организација за ослободувањето на Македонија. Во мојата куќа каде што живеев беше направена скривница која служеше за склад на оружје и муниција за четите и скривалиште за ранетите. Бев активен член кај кој стигнуваа најглавните соопштенија и набавки. Во 1903 година (за време на претресите и опсадите кои ги вршеа Турците), бев претресен од турските власти за едно доверливо писмо и во тој случај бев тепан бидејќи во тој момент го соџвакав писмото и го голтнав да не дојде во рацете на Турците…”, пишува меѓу другото во својата молба како доказ за исполнување на условите за илинденска пензија, Лазо од тогашниот Титов Велес.
Васил, пак, од село Смоквица, гевгелиска околија, земјоделец, во својата молба пишува: „Сум бил деец на Илинденското востание и на уништувањето на турската власт од 1898 до 1912 година. Сум ги помагал четите кои се бореа за таа цел, со давање, купување на муниција, храна, разнесување на писма до одговорните раководители. Како таков бев притворуван, тепан и мачен од турската власт… Наводите ќе ги потврди и најголемиот заслужник, соработник и маченик на Илинденското другарот Ангел Динов”…
Бев заколнат 1898 на сабја и револвер…
„Македонската историја, се уште располага со пишани и недоволно истражени извори кои говорат за судбината на македонскиот народ. Историјата се темели врз документи што се создаваат и се испишуваат од каква било причина. Благодарение на записничарите на минатото, денешните државни архиви се преполни со документација врз основа на која се базираат, почнуваат, се градат историските процеси и случувањата во минатото”, вели др Петровски, кој истакнува дека токму ваков извор е збирката документи во Државниот архив на Македонија, насловен како “Извршен совет на НРМ. Одбор за доделување илинденски пензии. Досиеја на признати илинденци (1946 1956)” .
„Бев заколнат 1898 година на сабја и револвер дека ќе работам чесно и верно за Организацијата и ќе ги чувам нејзините тајни. Ме заколна Косето Андон. Ми даде пушка како на легален курир и како таков разнесував чети, оружје, храна во нашите места и преку Вардар, каде што се спремаше востанието, вели еден жител од с. Смоквица, Гевгелиско. И Диме од прилепска околија во својата молба ги наведува своите револуционерни сеќавања:
„Во Илинденското востание бев учесник и тоа лично во Крушево, со Тодор Офицерот во борба против Турците, од почетокот па до крајот на востанието. Касарните во Крушево ги сардисавме и со газија фрлавме. Касарните се запалија, војската почна да рипа од пенџериња, некои куртулија, избегаа, а некој ги отепавме. “Мудирот” што ги уби комитето го фативме. Во Крушево седевме 13 дена, четиринаесеттиот стаса огромна турска војска, три илјади со водачите. Отстапивме, отидовме во Церско, во планините…”
Коларот Коле од селото Добрево, Кочанско, пак, пишува “како млад со желба македонскиот народ да биде ослободен од турското ропство, во 1900 година при формирањето на раководното тело во селото од кратовската чета на војводата Диме Берберот и секретарот Паноиот бев заколнат за верна работа на организацијата и поставен за помошник на војводата и граничен курир. На таа служба бев со целиот свој живот одаден… Често пати сум носел оружје и пошта во самиот Штаб на организацијата во село Кнежево каде што се наоѓаше и самиот Дамиан Груев…”
Сеќавањата информираат многу детално за Македонската револуционерна организација, за нејзиното формирање, издигнување и одржување, за воените подготовки и ставање крај на османлиска Македонија. Информираат за општественоекономскиот контекст на растот на организацијата, начинот и патот на вооружувањето, церемониите на заколнување на членството и механизмот за одржување на таинственоста, покорноста и лојалноста, како и за дејствување и движењето на четите формирани од многу познати охридски, битолски, крушевски, штипски, велешки војводи…
Извршив атентат на еден бег опасен за нашето население…
„Пет месеци пред Илинденското востание во 1903 собирав оружје за македонските чети. Два месеца пред Илинден 1903 година доброволно се пријавив во четата на војводата Славеико Арсов, каде што вежбав со пушка. Со мојата чета на Илинден вечерта учествував во палењето на Турскиот ан во селото Крушче, Ресенско. Учествував во големата битка на планината Вигла. Во таа битка се борев против Турците дваесет и четири часа непрекинато и бев ранет со три куршуми, во главата, вратот и десната рака. По смртта на војводата Арсов, кој загина во Штип, во борба против турската војска, јас се придружив на војводата Крсте Траиков. По неговата наредба извршив атентат на еден бег кој бил опасен за нашето население, а кој се викал Зекиан…”, Стеван од с. Крушче.
Во нивната содржина и нивниот тон овие материјали зборуваат за идеалите на оптимизмот, за издржливоста и гордоста. Овие постари луѓе кои ги собирале своите приказни и ги доставиле до сосема нова држава сакале да бидат слушнати. И тоа е таа желба што прави ова да биде архива на народно ослободување, што може да се чита како да е производ на обемен проект на усната историја во демократска држава. Со тоа што овозможи да биде достапна во овој формат, Државниот архив им направи на сегашните и идните читатели енормна услуга. Ја имаат можноста да им одадат почит на духот и сензибилитетот на своите заеднички предци.
„Родена сум 1881. Година во село Вардино, Демирхисарско. Пред 1903 уште од тогаш како жена почнав да помагам на четата на војводата Велко Марковски со перење алишта, предавање на писма од село до село. Бевме организатори со мојот маж. Ни беше наложено да направиме скривница во нашата куќа. По погинувањето на војводата во село Ракитница, во нашиот реон настапи војвода Ванчо Џонето, кој со 12 души дојде во нашата куќа. Во тој момент некој шпион ја издаде четата и нашата куќа беше сардисана од турскиот аскер, али јас како свесна жена ја отворив скривницата и влегоа 12 души и така успеав да ги спасам од смртта. По претресувањето на селото не се најдени. Мене со малото дете ме одведоа во с. Прибилци при “мудирот”, боса и по снегот и таму ме мачеа за да ја издадам четата, но јас со тврда волја не го сторив тоа…”, пишува во својата молба Митра од Мургашево, демирхисарско.
Според директорот Петровски, Државниот архив на РМ одлучи да ги објави оригиналните документи со надеж дека ќе го разбуди интересот за повторно препрочитување, истражување, анализирање на меморијата на обичното граѓанство за тоа што направило во името на Организацијата и македонското револуционерно движење.
Со нивното публикување сега, 70 години од нивното создавање, научниците во Македонија и надвор од неа имаат можност да ја сфатат македонската историја на глобално ниво.
Дел од потресните сведоштва беа објавени во „


