Азербејџанската армија при антитерористички мерки неутрализирала воена единица во Карабах, соопшти портпаролот на Министерството за одбрана на Азербејџан, Анар Ејвазов.
- Во рамките на антитерористичките мерки целосно е неутрализирана воената единица лоцирана во реонот на населбата Тепекенд – рече Ејвазов.
Според него, азербејџанската армија во неколку наврати евидентирала „незаконски активности“ во оваа воена единица.
Според информациите на Канцеларијата за заштита на човековите права „Арсах“ од Нагорно Карабах, поради агресијата на Азербејџан, бројот на жртвите во Нагорно Карабах достигна 27, меѓу кои и двајца цивили.
Претставникот на „Арках“ Гегам Степанјан на Фејсбук објави дека бројот на ранети во моментот надминува 200 лица, пренесува „Арменпрес“.
Портпаролот на азербејџанските сили најави и дека одржуваат постојан оперативен контакт со рускиот мировен контингент во Карабах, во контекст на антитерористичката операција.
На брифингот Ејвазов ги демантираше информациите на бројни ерменски медиуми дека „наводно азербејџанската армија пукала во колона ерменски цивили во Карабах, кои биле евакуирани од руските мировни сили“.
- Одговарајќи на ваквите неосновани изјави, ве известувам дека одржуваме постојана координација и оперативен контакт со рускиот мировен контингент и од наша страна ги создаваме сите потребни услови контингентот да ги исполни своите задачи – нагласи Ејвазов.
Министерството за одбрана на Русија соопшти дека руските мировни сили евакуирале повеќе од 2.000 цивили во Нагорно Карабах, на сите им се обезбедени места за привремен престој, а лекарите им помагаат на ранетите.
„Рускиот мировен контингент продолжува да го евакуира цивилното население на Нагорно-Карабах од најопасните области и да им пружи медицинска помош на жртвите. Вкупно се евакуирани повеќе од 2.000 цивили, од кои 1.049 се деца“, се вели во соопштението.
Како што додаваат од министерството, на сите евакуирани жители им биле обезбедени места за привремено сместување и топол оброк, како и медицинска помош.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.