Меѓународниот кривичен суд го суспендира главниот обвинител поради обвинувањата за сексуално вознемирување

Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Карим Кан, е суспендиран од должност со непосреден ефект, соопшти доцна вчера управното тело на судот.

Суспензијата на Кан доаѓа по 18-месечна истрага за сведочењата на една негова соработничка за сексуално недолично однесување од страна на обвинителот.

Во реакција, адвокатите на Кан ја опишаа одлуката како „незаконска, процедурално неправедна и неподдржана со докази“.

Кои се обвинувањата?

Обвинувањата против Кан првпат биле пријавени до независното надзорно тело на судот пред повеќе од две години.

Кан е обвинет дека во подолг период повеќепати вознемирувал вработена во МКС.

Тој имал „сексуален контакт без согласност со соработничката во неговата канцеларија, во неговата приватна резиденција и за време на службена мисија“, се наведува во копија од извештајот на Канцеларијата на Обединетите нации за внатрешен надзор, во која имала увид агенцијата „Асошиејтед прес“.

Извори претходно за „Ројтерс“ изјавиле дека во извештајот на истражителите на ОН е утврдено дека постои „фактичка основа“ за обвинувањата за сексуално недолично однесување. Сепак, втор извештај, изготвен од тројца судии кои ги разгледувале наодите на ОН, оценил дека доказите не се доволни за да се утврди вистинитоста на обвинувањата „надвор од разумно сомневање“.

Кан повеќепати негираше дека сторил нешто незаконско. Тој се повлече од функцијата во мај 2025 година, додека траеше истрагата.

Против Кан не се поднесени кривични обвиненија.

Бирото на Собранието на државите членки, извршниот комитет на надзорното тело на МКС, во кое членуваат 21 претставник, одлучи случајот да го проследи до Собранието, во кое се застапени сите земји членки на МКС.

Одлуката за суспензија на Кан била донесена „со квалификувано мнозинство“, соопшти Бирото. Проценката се темелела на „извештајот од истрагата спроведена од Канцеларијата на ОН за внатрешен надзор, придружните докази, советувањето од ад хок панел на судски експерти и на писмените поднесоци“.

За Кан да биде разрешен од функцијата, мнозинство од 125-те земји членки на МКС ќе треба да гласаат „за“ на тајно гласање.

Кан издал налози за апсење на Нетанјаху и на Путин

Кан, кој е главен обвинител од 2021 година, издаде налози за апсење повеќе личности, меѓу кои и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и рускиот претседател Владимир Путин.

САД го засилија притисокот врз судот, особено по налогот за Нетанјаху, воведувајќи санкции против вработени и судии.

Иако 125 држави, меѓу кои и сите членки на ЕУ, се дел од судот, САД, Русија и Израел не се членки на МКС.

Пронајдете не на следниве мрежи: