Бројот на албански гласачи се намалува, загрозен цензусот

Бројот на албански гласачи се намалува во последните десет години, а владејачката ДУИ најмногу губи од својот електорат, додека најмногу добиле помалите партии, покажа анализата на „Либерта институт”.

Во 2011 година, на последните парламентарни избори, сите албански партии освоиле вкупно 206.917 гласови, за разлика од 235.742 освоени гласови во 2002 година.
 „Доколку македонската опозиција и конечно ги бојкотира локалните избори, во комбинација со трендот на паѓањето на довербата кон партиите во албанскиот политички блок, и нивна мала излезност, локалните избори закажани на 24-ти март многу лесно може да се претворат во вистински дебакл по однос на излезноста, и цензусот да биде на тенок мраз”, заклучуваат во „Либерта” од анализата.
 „И покрај сериозните промени во временскиот рок кој е предмет на оваа анализа, останува заклучокот за промени во излезноста и политичките ориентации, кои имаат влијание и во намалувањето на бројот на албанските пратеници – 26 во 2002 година, потоа 28 во 2006 година, достигнувајќи го максимумот од 29 пратеници во 2008. и конечното паѓање на 25 пратеници на последните парламентарни избори во 2011 година, што е најниско ниво во изминатите десет години. Анализирано според партии, разликите се уште поголеми – владејачката албанска партија изгубила 30 отсто од гласовите од 2002 година, ДПА има постабилен ритам, додека другите албански партии покажуваат постојан раст – кој е неефективен поради поделбата на гласовите на повеќе партии”, покажала анализата на „Либерта”.
 Споредбените изборни резултати покажуваат дека Демократската унија за интеграција има најголема промена во гласачкото тело во изминатите десет години, а според овие податоци, ДУИ изгубила 30 отсто од гласачкото тело од 2002 година – од 145.538 на 98.472 гласови, што се одразува и на бројот на освоени пратенички места.
 Така, во 2002 година, ДУИ имала 16 пратеници, потоа 18 во 2008 додека е во опозиција, паѓајќи на само 15 на последните парламентарни избори.
 Иако без ниту една победа на парламентарните избори и само со неколку успеси на локално ниво, споредбата покажува дека Демократската партија на албанците успеала да го задржи своето гласачко тело. Споредено со 2002 година, ДПА освоила само 3.000 гласови помалку на последните парламентарни избори. Во целина, последните парламентарни извори и' донеле на ДПА само 8 пратеници, за разлика од 11 во 2006 и 2008 година. Ова може да се објасни не само со помалата поддршка од гласачите, туку и со нивната нееднаква концетрација во избирачките единици, што создава големи загуби.
 Единствениот раст, кој е речиси постојан, се забележува во партиите надвор од двојката ДУИ-ДПА. Успехот тука е главно концентриран во Националната демократска преродба и Нова демократија, кои добиле поголем број гласови. Иако комбинацијата на сите помали партии не може да се одрази во пратенички мандати поради нивната фрагментираност, јасна е тенденцијата на гласачкото тело за овие партии – од 29.592 гласачи во 2002 година, до 48.813 на последните парламентарни избори.
 Анализата покажува намалување на гласачите кои гласаат за албанските политички партии што е знак на изгубена доверба во претставниците и изгубен интерес за вклучување во политичките текови.
 Владејачката партија ДУИ ја има најголемата загуба на гласачко тело од 30 отсто што е уште посериозно ако се земе во предвид нивното речиси постојано учество на власт во изминатите десет години. И покрај стабилното гласачко тело и критиките насочени кон власта, ДПА не забележува сериозен раст на избори, оттука може да се каже дека го постигнале својот максимум. Постојаниот раст на партиите надвор од биномот ДУИ-ДПА е главно резултат на деконцентрацијата на поддржувачите, но истовремено зборува и за потенцијалот на гласачкото тело кое бара нови опции.
 Легитимитетот на албанските партии може да се загрози дополнително, доколку продолжи трендот на намалување на избирачкото тело, со што опаѓа бројот на освоени пратенички мандати во тековниот пропорционален избирачки систем и создава уште поголемо разочарување од избраните претставници и нивното владеење.
 Анализата ги истражува движењата во регионите со албанско гласачко тело, преку споредба на гласовите кои им се доверуваат на албанските партии во седум изборни циклуси во 21 општина, каде има значителен дел албански гласачи: Арачиново, Боговиње, Бутел, Врапчиште, Гостивар, Дебар, Долнени, Желино, Јегуновце, Кичево, Куманово, Липково, Осломеј, Сарај, Струга, Студеничани, Теарце, Тетово, Зајас, Чаир и Шуто Оризари.
Макфакс
Бројот на албански гласачи се намалува во последните десет години, а владејачката ДУИ најмногу губи од својот електорат, додека најмногу добиле по

Пронајдете не на следниве мрежи: