Деца мои, ми пораснавте прекуноќ…Ве карав кога ви требаше прегратка, грешев, но, ве сакам бескрајно!

Деца мои… Понекогаш кога ќе отворам очи наутро гледам дека сте пораснале буквално прекуноќ. Лицето ви е сменето, очите ви изгледаат поинаку.
Дел од мене е возбуден: знам колку многу има пред вас.
Друг дел од мене е исплашен: времето лета и не можеме да го сопреме. Се плашам дека не секогаш бев будна за да ги забележам сите моменти и дека некако сум го преспала моментот на растење.
Се прашувам дали уживавме доволно? Дали ви дадов сè што ви беше потребно? Дали ви е срцето комплетно? Дали и душата не ви е скршена?
Не сум секогаш најдобра. Не сум секогаш добра мајка како што замислував. Навистина сакам да сум идеална, некогаш можам и да бидам, но некогаш навистина не сум.
Понекогаш ве разбирам, но не секогаш.
Понекогаш постапувам правилно, но понекогаш сум тотален промашај.
Секој ден правам грешки.
Понекогаш сум строга кога всушност треба да сум чувствителна.
Понекогаш ви држам лекции за вашето однесување, а всушност она што ви треба е само прегратка.
Понекогаш и ми се мешаат работите.


Вие сте тажни, а јас велам дека се однесувате лошо. Разочарани сте, а јас велам дека многу се жалите.
Знам дека грешам и потоа ми е криво што не реагирав поинаку.
Понекогаш сум навистина преморена и вие сте оние кои ги добивате „остатоците“ од мене на крајот од денот.
Би сакала да не е така, но некогаш немам избор.
Понекогаш сум исплашена од големи и од мали работи. Навистина мислев дека возрасните знаат и имаат сфатено сè, но изгледа не е баш така.
Понекогаш стравот ми предизвикува болка на срцето и не можам да мислам на ништо друго. Заборавам да се опуштам и да уживам со вас. Заборавам да се смеам.
Понекогаш се борам со своите демони и изгледам изгубено. Но, ова не е никогаш ваша вина.
Кога ќе ве погледнам сум многу, многу горда! Кога ќе ве погледнам гледам само добрина. Гледам некој кој е моќен. Вашите срца се чисти и меки. Вие сте љубезни и нежни, а истовремено силни и прекрасни.


Јас ќе бидам секогаш вашиот најголем обожавател.
Ве молам кажувајте ми кога ќе ви ги повредам чувствата. Споделувајте ги со мене вашите стравови и несигурности и заедно ќе ги победиме.
Се надевам дека ќе извлечете поука од моите слабости. Се надевам дека кога ќе се сретнете со умор, страв, збунетост, скршена душа – ќе бидете во ред со тоа. И се надевам дека вашите несовршености нема да ве исплашат како што знаат да ми го направат тоа сега на мене.
Ќе направите многу грешки, но ве молам секогаш да ја најдете светлината на крајот од тунелот. Токму како што се чувствувам јас кога ќе ве погледнам вас. Вие сте моето богатство, мојата причина за живот.
Ова утро кога ми изгледа како да сте пораснале прекуноќ, сакам да ви кажам дека сте прекрасни. Вие ме воодушевувате секој ден, и како што гледам во вас ме инспирирате.
Никогаш нема да бидам совршена, но ќе бидам ваша засекогаш и секогаш во вашиот тим. Ова можам да ви го ветам со сигурност.
Ве сака,
Мама

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.