Зошто се поместува часовникот и зошто е воведено летно сметање?

Зошто се поместува часовникот и зошто е воведено летно сметање?

Летно сметање на времето или летно време — договорено правило за пометување на часовниците така што попладнето да има повеќе дневна светлина, а за сметка на тоа утрата да бидат пократки. Вообичаено е часовниците да се поместуваат еден час нанапред на пролет, а да се враќаат еден час наназад на есен. Овој систем е предложен во 1905 г. од Вилијам Вилет, а првпат бил широко применет во 1916 г. како военовременска мерка насочена кон заштеда на јаглен. И покрај несогласувањата, многу земји го користат овој систем. Денес во Европа е прифатена конвенцијата летното сметање на времето да започнува во последната недела од март, а да завршува во последната недела на октомври. Во САД летното сметање започнува во втората недела на март, а завршува во првата недела на ноември. На јужната полутопка почетокот на летното време е обратен од северната.

Додавањето на еден час дневна светлина попладне генерално им оди во прилог на продавниците, спортските активности, земјоделството и други дејности кои се поврзани со дневна светлина. Покрај тоа, продолжувањето на попладневната дневна светлина изгледа го намалува бројот на жртви од сообраќајни незгоди. Исто така, изгледа дека се заштедува електрична енергија со намалувањето на периодот на вештачко вечерно осветлување. Во САД пресметале дека летното сметање на времето заштедува 1% од потрошувачката на нафта.

Од друга страна, поместувањето на часовниците го комплицира одржувањето на сатницата, и може да ги поремети состаноците, возните редови, медицинските уреди, наплатата за разни услуги, итн. Особен хаос се создавал во минатото поради неконзистентности помеѓу државите во сметањето на времето.

Луѓето секогаш барале начин максимално и најдобро да го искористат долгиот летен ден за своите активности. Така, во античко време, особено во Римската империја, 12-те часови на денот, во зима траеле пократко, околу 45 минути, во лето подолго, околу 75 минути. Ваквиот систем на нееднакви часови во некои делови на Европа се задржал и во Среден Век. Во овој период, се до 19-тиот век во употреба е т.н. локално време, односно секое место или помала област си имале свое посебно месно време. Но со развојот на индустријата, сообраќајот, трговијата и др., кон крајот на 19-тиот век, непрактичното локално време се заменува со т.н. зонско време, со кое Земјата е поделена на 24 временски зони. Почетната или нултата зона е Гриничката или западноевропската, на исток е првата или средноевропската (во која е и нашата држава), потоа е втората или источноевропската (во Грција, Бугарија), по неа е московската зона итн. Во секоја следна зона, од запад кон исток, времето се поместува за еден час, за да одговара со реалната состојба на дневната светлина или на ноќта.

Истовремено кога почнало да се размислува за користење на зонското време, доаѓаат и првите размислувања за тоа како оптимално да се искористи подолгата дневна светлина во летниот период. Уште Бенџамин Френклин, во 1784 година за време на својот престој во Париз, во една статија напишал како парижаните оптимално си го користат летното време, станувајќи и легнувајќи порано, со што помалку се трошеле свеќите за осветлување. Повеќе од 100 години подоцна, познатиот Лондонски градежник Вилијам Вајлет, интересно забележал дека жителите на Лондон бескорисно го губат утринскиот најубав период на денот во спиење. Тој во 1907 година предложил поместување на времето во текот на летото. Сепак, прва држава која вовела летно поместување на времето врз концептот на Вајлет била Германија и тоа за време на Првата Светска војна, од 30 април 1916 година. Веднаш по неа, овој концепт го прифатила Британија, следната година Русија, потоа 1918 година САД, а подоцна и други држави. До сега, значителен број на држави (околу 70) го вовеле летното сметање на времето, некои го укинале, а уште поголем број на држави, особено во Африка и во Азија и воопшто не го користеле. Денес околу 2 милијарди луѓе користат летно време а околу 4 милијарди не го користат. Државите во екваторскиот или тропскиот појас, воопшто немаат ниту потреба од летно време, бидејќи таму траењето на денот и ноќта е доста воедначено во текот на годината, од по околу 12 часа.

Инаку, летното сметање на времето кај нас е воведено со прописите на поранешна Југославија во 1983 година. На почетокот, летното време траело од последната недела на Март до последната недела на Септември, а од 1996 година е поместено да трае до последната недела на Октомври. Во Република Македонија не се вршени детални истражувања за влијанието на летното време врз животот на луѓето. Сепак, според нашите согледувања, со оглед на географската положба тоа има позитивен ефект, бидејќи оптимално се искористуваат утринските, послабо осончани и постудени часови за сметка на попладневните посончани и потопли часови, кои се користат за слободни рекреативно-забавни активности. Овој ефект е изразен и врз здравјето и позитивното расположение.

Според тоа, во недела ќе спиеме еден час помалку, но затоа пак ќе уживаме во долгите попладневни сончеви часови, се до повторното преминување на зимското време.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.