Манастирски компир од рерна: Ручек кој нема да ве чини повеќе од 100 денари

Додајте ја само омилената салата и имате комплетен посен ручек.
Овој рецепт потекнува од грчките православни манастири и е идеален како главно јадење за време на постите.
Потребни состојки:
• 1 кг. компири
• 150-200 мл. маслиново масло
• 1-2 лимони (свежо цеден сок)
• 5-6 чешниња лук, исечкани на три дела
• 4-5 ловорови листови, секој исечкан на четвртинки
• оригано, сол, бибер
Припрема:
Загрејте ја рерната на 250 Целзиусови степени. Измијте го, излупете го и исечкајте го компирот, па наредете го во тава за печење. Компирите не ги ставајте еден врз друг.
Зовријте вода (малку повеќе од една чаша ќе ви биде доволно за да го покриете компирот) и во неа растворете сол (ќе ви треба повеќе сол, но бидете внимателни да не пресолите).
Со таа вода покријте го компирот што сте го наредиле во тавата. Додајте масло, посипете го компирот со оригано, ставете лук, ловоров лист и бибер. Сокот од лимон не се додава на почеток бидејќи од него компирот ќе се стврдне.
Ставете го компирот во загреана рерна на 250 Целзиусови степени. Штом компирот почне да заруменува, односно штом добие боја, испари сета вода и остане само маслото, намалете ја температурата на 200 Целзиусови степени и печете додека компирот не омекне, вкупно околу 50 минути – сè зависи од рерната и од компирите.
При крајот на печењето, извадете ја тавата и прелијте го компирот со сокот од лимони, вратете го неколку минути во рерна, извадете го и послужете го. Добар апетит!

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.