Совршено фудбалско мезе – крцкави вртени стапчиња

Совршено крцкави и неизмерно вкусни! Пријатните емоции од сеќавањата на крцкањето и уживањето во дружбите, родендените, ме поттикнаа да научам да ги правам баш совршено, како мајка ми. Сите кои ги пробаа, се воодушевија. Топло ви ги препорачувам!
Спомени од детството! Мајка ми ни ги правеше од кога знам за себе, па сега со огромно задоволство ги правам јас. Одлично одат со пиво за мезење со друштвото, за крцкава забава на детски родендени и разни забави, супер се за на слави, за патувања, за секаде!
Состојки:
1 коцка квасец
250-300 мл млака вода
150 мл. масло
1 лажица ситна црвена пипер
200 грама сусам
20 грама ким
2 лажички ситна сол
1 кг брашно
За премачкување и одозгора:
1 јајце
крупна морска сол по потреба.


Подготовка:
Во сад ставете ги квасецот и млаката вода. Измешајте и оставете кратко да се соединат, па додајте го маслото.
Во друг поголем сад измешајте ги брашното, солта, ситната црвена пипер, кимот и сусамот.
Додајте ги течните состојки во садот со измешаните суви состојки.
Замесете убаво изедначено тесто и поделете го на 2 дела. Од секој дел, со помош на сукало направете тенка правоаголна кора.
Така истенчената кора исечете ја на хоризонтални ленти со ширина од 8-10 мм, а потоа пресечете на половина по должина.
Земете една лентичка, спојте и ги краевите, малку истегнете и спирално извртете ја. Веднаш ставајте ги во плехот за печење, кој може да е обложен со хартија или да е премачкан со масло. Постапката повторувајте ја додека завршите со сите ленти.
Рерната загрејте ја на 200 степени. Oформените вртени стапчиња со зачини премачкајте ги со матено јајце и поросете со крупна сол по ваш вкус. Печете ги на 200 степени за време од 7-10 минути, зависно од рерната.
Совети плус: за екстра резултат:
Пред крајот посебно внимавајте да не ви изгорат и пазете ги.
За да добиете стапчиња кои се прави, ставајте ги директно во плехот за печење откако ќе ги оформите.
Ако сакате да направите поголема доза замрзнете ги. Проверено ми е, квалитетот не се менува.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.