Фалафел од тиква – РЕЦЕПТ!

Во една од претходните објави ви понудивме 2 рецепти или комбинации за подготовка на
вкусен оброк со тиквите, имајќи предвид дека нивната сезона е на самиот старт. Денес ќе ви предложиме уште еден уникатен рецепт за тиквата со медитерански шмек.
Поради нејзината ниска калоричност, а висока хранлива вредност, тиквата се смета за особено нутритивно сконцентрирана храна.
Таа е богат извор на витамини, посебно на витамин А, но и на Ц, Е и витаимините од Б групата, потоа на минерали, како бакар, железо, фосфор, цинк и особено значајниот калиум.
Покрај ова, тиките се одличен антиоксидативен извор, пред сè на флавоноидните антиоксиданти. Заради исклучителната хранлива вредност, овој зеленчук се вбројува во редот на најздравите зеленчуци присутни на пазарите, особено на есен. Искористете ја максимално сезоната на вкусната тиква на почетокот на есента приготвувајќи ги најпознатите рецепти со неа.
Денешниот предлог-рецепт вклучува фалафел, па затоа е сличен со оној обичниот (како да подготвите вкусен и здрав фалафел, погледнете тука), но има забележителни разлики во однос на текстурата и вкусовите карактеристики поради употребата на тајната состојка – тиква! Набавете си тиква и пробајте го овој интересен рецепт со уникатен вкус, изведен од еден од најпопуларните специјалитети од Блискиот Исток.
За овој рецепт, потребни ќе ви бидат:
650g тиква, излупенa, исецкана на средни коцки и испечена
1 супена лажица маслиново масло
1 шоља (околу 200g) наут од конзерва
1 чешне лук, ситно исецкано
1 полна супена лажица морска сол
1 полна супена лажица црвен пипер
2-4 супени лажици сенаменско или интегрално брашно
неколку супени лажици сусам, за обложување на фалафелите
тахини сос, за служење


Начин на подготовка:
Вклучете ја рерната да се загрее на температура од 200°С и обложете еден голем плех со хартија за печење.
Исечете ја тиквата на средно-мали коцки и додадете им 1 лажица маслиново масло. Наредете ги коцките на оближениот плех и ставете ги да се печат во претходно загреаната рерна околу половина час.
Исплакнете го наутот и исцедете го. Префрлете го во процесор за храна и сомелете го убаво. Потоа извадете го од процесорот и префрлете во некоја голема, длабока чинија. Сè уште не го чистете процесорот, ќе ви биде потребен за да направите ,,пире” од печената тиква.
По изминатото време за печење, извадете ја тиквата од рерна, оставете малку да се излади и префрлете ја во процесорот за храна заедно со исецканиот лук. Мелете ги додека не добиете густо пире, а потоа исклучете го процесорот. Пирето додадете го во длабокиот сад во кој се наоѓа наутот. Потоа во садот ставете ги сите зачини, добро промешајте и додадете брашно. Започнете со 2 лажици брашно, па додадете повеќе доколку забележите дека е потребно. Запомнете дека тестото треба да биде доста влажно, па затоа нема потреба да ставате премногу брашно. Сѐ додека можете да направите топчиња од тестото, не мора да додавате уште брашно, бидејќи крајниот продукт ќе биде доста сув. Направените фалафели покријте ги со пластична фолија и оставете ги во фрижидер околу 1 час.
Во плитка чинија истурете сусам и притиснете ги сите фалафели поединечно за да ги обложите убаво. Наредете ги сите фалафели во плех во кој претходно сте ставиле маслиново масло и печете ги во претходно загреаната рерна. Печете ги 10 минути на една страна, а потоа превртете ги и печете ги уште 10 минути на другата страна. Фалафелите се готови кога ќе забележите дека кората им е златно-кафена.
Служете ги фалафелите во пита лепчиња, заедно со тахини сос и некаква свежа салата. (предлог #1; предлог #2; предлог #3)
Овој рецепт прави 15-тина фалафели, во зависност од големината на топчињата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.