ШЕЌЕРКА И БАЛКАНСКИТЕ КУРДИ

Ама Шеќерка бара да заборавиме на 2001 година. Не било важно сега тоа. Како што не беше важно името на државата. Како што не им е повеќе важен ниту јазикот и историјата на Македонците. Како мислиш не е важно Шеќерке? На некои меѓу нас многу им е важна таа ужасна 2001 година. Особено на оние кои загубија татковци и синови во неа и на оние кои немаа каде да се вратат откако беа избркани од своите вековни огништа. Знаеш дека во Арачиново ниту еден избркан Македонец не се врати? Исто и во многу села во тетовско и кумановско. Како да заборават оние кои си ги видоа блиските убиени и мртви масакрирани во Вејце или Љуботен? Како да заборават оние кои си ги видоа куќите запалени до темел? Како да заборават на тоа децата на убиените бранители кои денес имаат дваесетина години и те гледаат како се ракуваш со човек кој командувал со паравојска против која нивните татковци војувале и загинале. Позираш пред иконографијата на таа паравојска? Како тоа може да се заборави? Како воопшто дојдовме до таков резил?

Е па така. Со здробен морален компас и не може поинаку. Без рбет исто така. Како лево ориентирана, ѓомити либерална црвена буржујка, требаше да и пречи да позира со национал-шовинисти либерална, пред нивните амблеми. Или тоа може ако националистите не се Македонци. Да, многу е тренди кога само од македонски националисти ти е ФУЈ. Замислете, ако било кој израелски министер позира пред иконографијата на Хамас, оклештен од уво до уво? Не може да замислите, така? Не постои израелски премиер, министер, генерал, кој во случај на убиен израелски војник или граѓанин, не размислува во правец на одмазда, кога-тогаш, а не уште да позира, со оние кои тоа го направиле. Да не ви редам примиери на таа тема, од независноста на Израел, преку убиството на израелските спортисти на Олимпијадата во Минхен, па до денес. Но, да не правиме споредби на полето на фантастиката. Не сме Израел, ниту го имаме тој рефлекс за преживување како Израелците, иако исто како нив сме окружени со вековни непријатели, кои ниту денес, ниту пак утре, ќе им мислат арно на Македонците. Нивните територијални и други аспирации, никогаш и не се потепале да ги скријат од нас.

Затоа, оставка е најмалку што Шеќерка може да им понуди на жртвите Македонци од 2001, годината која таа побрзо би ја заборавила, за грст гласови и нов мандат. И ништо Шеќерка нема сработено, нека не се фали. А најмалку сработила помирување. По она што го видовме последниве три години зачинето со иконографијата пред која позираше, галиба иднината нема да биде толку светла. Македонија, онаа асномската е збришана. Ако мислевте дека тоа го сработивте, о, да, го сработивте темелно. Македонците станаа балкански Курди. Народ без држава. И страшно е што социјалдемократите се свесни дека Македонците за нив ни на сон не би гласале. Не повеќе. Понижувањето на кое секојдневно ги изложуваат Македонците, веќе не може ни да се џвака. Ама тие не запираат. Убаво го замислиле тоа ЕДНО ОПШТЕСТВО ЗА СИТЕ, само што го замислиле без Македонци. Таков е отприлика кошмарот во кој живееме. Кошмарот наречен Северна Македонија.

Автор: Сашо Тасевски, ексклузивно за пулс24

Од Сашо прочитајте уште и:

ЕДИНИЦАТА 731 или КАКО ЌЕ ИЗГЛЕДА СВЕТОТ ПО ПАНДЕМИЈАТА НА КОРОНА

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.