Крајот на светот веќе почна, но агонијата ќе биде долга

Доколку ги читате овие редови, значи дека светот сé уште постои и покрај спротивното толкување на календарот на Маите, но тоа не значи дека на крајот, сепак нé не очекува апокалипсата.

Тоа е така, бидејќи заканите не недостигаат, од удар на голем астероид до вирусни пандемии или нуклеарна војна. Меѓутоа, сепак, може да останете мирни, агонијата ќе биде долга.
„Теоријата за моментален крај на светот што би го предизвикала која и да е причина е апсурдна“, тврди Дејвид Морисон, научник во американската агенција за вселенски истражувања NASA и експерт за живот во Вселената.
„Земјата постои веќе четири милијарди години и уште многу ќе изминат пред Сонцето нашата планета да ја направи непогодна за живот“, додава Морисон кој се згрозува од приказните за крајот на светот на 21-ви декември 2012 година.
За околу пет милијарди години Сонцето ќе се претвори во „голема црвена топка“, меѓутоа до тој момент сé поголемата топлина веќе ќе предизвика целосно испарување на океаните и исчезнување на атмосферата на Земјата. Сонцето потоа ќе се лади сé до целосното гаснење, но тоа веќе навистина не би требало да загрижува..
„А сé дотогаш нема ниедна позната астрономска или геолошка закана којашто може да ја уништи Земјата“, тврди Морисон.
Меѓутоа, заканата, сепак, би можела да дојде од небото?
Некои високобуџетни холивудски филмови се занимаваат со можноста од Вселената да долета огромен астероид и да удри во Земјата. Таква катастрофа, удар на метеорит со пречник од 10 до 15 километри во областа на денешниот полуостров Јукатан, инаку татковина на древните Маи, нашата планета ја преживеала пред 65 милиони години, но веројатната последица од тоа било изумирањето на диносаурусите.
Таквото сценарио е многу малку веројатно, убедуваат експертите од NASA кој на дневна основа внимателно ги проучуваат небото „за да не ни падне на главата“.
„Веќе утврдивме дека краткорочно не постои закана од толку големи астероиди, како што бил оној што ги убил диносаурусите, кој би се судрил со Земјата“, толкуваат од NASA, потсетувајќи и на фактот дека доколку астероидот и бил причина за изумирањето на диносаурусите, неговиот удар не ги уништил ни одблиску сите облици на живот, па и човекот во тој случај би имал пристојни шанси да преживее некоја таква катаклизма.
Меѓутоа, можеби и потешки последици за човештвото би имало избувнување на пандемија на мутирачки вирус, сличен на оној ан преносителот на птичјиот грип H5N1.
„Сепак, ниту извонредно тешка пандемија не може да доведе до крај на светот“ тврди вирусологот од парискиот институт „Луј Пастер“, Жан-Клод Мунугвера во написот посветен на крајот на светот објавен во научното списание Sciences&Vie. Тој пишува дека „Разноликоста на имунолошките системи е толкава што секогаш најмалку 1 отсто од светското население е природно отпорно на заразата“.
И покрај фактот дека Студената воја заврши пред две децении, за многумина замислата за апокалиптична нуклеарна војна не е неверојатна, а бројот директни жртви од таков судир би зависел од неговите размери.
Меѓутоа и некој регионален конфликт, како на пример во случај Индија и Пакистан дојдат на „брилијантната“ идеја да разменат  неколку стотици нуклеарни боеви проектили, би било доволно за создавање ткн. „нуклеарна зима“, ефект којшто би имал тешки последици за целата планета. Чадот и прашината во целост би го оневозможиле доаѓањето на сончевата светлина до Земјата, значително би се намалиле врнежите и би имало силен пад на температурите на воздухот, што би го оневозможило секое обработување на земјата, а тоа би значело последично предизвикување општ глад.
Многу научници, сепак, најмногу ги загрижува нешто сосема друго, имено неизбежните климатски промени и општиот пораст на температурите на крајот човештвото во прв ред би можеле да го доведат до исчезнување, бидејќи не станува збор само за празни теории.
Пропратните природни непогоди коишто се случија изминативе години, големи суши, поплави, страшни бури и другите природни катастрофи, ќе бидат сé почести и сé посилни, а температурата на сите точки од планетата, зависно од сценаријата, до 2100 година ќе порасне за 2,4 или 5,4 Целзиусови степени. А тоа би било повеќе од доволно за колективно самоубиство на човештвото со вдишување на гасовите што го предизвикуваат ефектот на стаклената градина.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: