МЗТ го пречекува Раднички

Loading...

Македонскиот кошаркарски шампион, екипата на МЗТ Скопје Аеродром, во сабота ќе го одигра натпреварот од четвртото коло во АБА лигата.

Противник на избраниците на тренрот Александар Тодоров ќе биде екипата на Раднички Крагуевац. МЗТ, во првите три кола има две победи (Цибона и Широки) и еден пораз (Будуќност), додека Раднички е најголемото разочарување во досегашниот тек од регионалното натпреварување, екипата од Крагуевац има три порази (Олимпија, Цедевита, Игокеа). 

Тренерот на МЗТ, Тодоров смета дека неговиот тим го очекува тежок меч и дека поразите на Раднички во првите три кола не го одразуваат вистинскиот квалитет на оваа екипа. 

„Очекувам тежок натпревар, бидејќи независно од моментниот пласман, Раднички е исклучително сериозна екипа, со одлични поединци и со амбиции за пласман на самиот врв во АБА лигата. Ова е можеби еден од најважните натпревари за нашата екипа, со оглед на серијата тешки домаќинства и уште потешки гостувања што ни престојат. После третиот пораз во низа и казните што беа изречени за тренерот и за играчите од страна на управата, Раднички ќе фрли се на една карта, и затоа е многу битно како ќе го започнеме натпреварот. Добра одбрана во текот на сите 40 минути ќе биде еден од предусловите за наша победа. Очекувам голема минутажа да добие нивното ново засилување Александар Чапин, за кој имаме информации дека се работи за одличен плејмејкер, пред се напаѓач, кој ќе преставува нивна основна сила во следните натпревари“, вели Тодоров. 

Во екипата на МЗТ Скопје Аеродром, сеуште под знак прашалник е настапот на Тодор Гечевски, додека на повреда на раката се жали и Ѓорѓи Чековски, но се очекува тој да биде подготвен за настап. 

Во редовите на Раднички се свесни дека во Скопје ги очекува тешко гостување и дека МЗТ ќе стори се да ја забележи и втората победа пред своите навивачи. 

„МЗТ покажа квалитет во досегашниот тек од лигата, имаат искусен тим. Добро стартуваа, што сигурно им влева дополнителна самодоверба. Луѓето во Македонија сакаат квалитетна кошара и сигурно е дека ќе има многу навивачи кои ќе дојдата да ги поддржат. Атмосферата на нивниот меч со Игокеа беше извонредна. Не верувам дека многу тимови ќе можат да се надеваат на победа во Макеонија“, изјавил за клупската интернет страница, плејмејкерот на Раднички, Ненад Миљеновиќ. 

Натпреварот од четвртото коло во АБА лигата, помеѓу МЗТ и Раднички ќе се одигра во СЦ Борис Трајковски, со почеток во 20:30 часот.

 

Макфакс

loading...
Loading...