Кожув дебитира во БИБЛ конкуренцијата

Loading...

 

Со натпреварот помеѓу ОКК Београд и Кожув, во вторник ќе стартува новата сезона во БИБЛ лигата. Македонскиот преставник Кожув е дебитант во ова натпреварување, додека екипата од Белград е редовен учесник во ова регионално друштво.

Кожув во новата кошаркарска сезона влегува со големи амбиции, екипата се засили со неколку искусни кошаркари, а нов тренер е Марјан Србиновски. 

Покрај Србиновски, од Торус СЦБТ летово дојдоа Димитар Караџовски и Перо Блажевски, а со БИБЛ искуство од лани, во тимот е и Дарко Радуловиќ. Со Павловски, Штерјов и Божовиќ на центарските позиции, односно Пенов и Филиповиќ на крилните, Кожув има повеќе од компетентен состав.

„Се подготвивме колку можеме за овој период и мотивирани влегуваме во лигата. Имаме четворица нови играчи и најголем проблем ќе ни биде воиграноста, а не ни оди во прилог ниту тоа што домашната лига уште не е почната, па ова е практично наш прв официјален настап сезонава. Сепак, дојдовме да дадеме максимум, да ги одмериме силите на меѓународен план, да видиме до каде сме и сигурно дека нема да се уплашиме од шансата што ја добиваме. ОКК е речиси редовен учесник во Балканската лига и како клуб се поискусни од нас и тука е нивната предност. Но ние веруваме во нашите квалитети и амбициозно гледаме на стартот на лигата“, вели тренерот на Кожув. 

Почетокот на натпреварот во салата „Шумице“ во Белград е закажан за 18 часот.

 

Макфакс

извор: basketball.org.mk

loading...
Loading...