Фон дер Лајен: Русија е најдиректната закана за светскиот поредок

„Русија е најдиректната закана за светскиот поредок поради нејзината инвазија на Украина“. Ова го изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен при посетата на Токио.

Заедно со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, таа учествува во годишната рунда преговори меѓу Јапонија и Европската унија. Разговорите доаѓаат во време на руско-украинскиот конфликт и зголемената загриженост во Азија поради воените амбиции на Кина.

Владата на Фумио Кишида се приклучи на западните санкции против Москва, вклучително и во областа на финансиите и енергетиката.

Фон дер Лајен рече дека Европската унија и Јапонија започнуваат дигитално партнерство и ќе работат на диверзификација и зајакнување на нивните синџири на снабдување.

„Индо-пацифичкиот регион е просперитетен регион. Но, тој е и сцена на тензии, со оглед на ситуацијата во источното и јужното кинеско море. Како што разговаравме со премиерот Кишида, Европската унија сака да игра поактивна улога во индо-пацифичкиот регион“. изјави Урсула фон дер Лајен, претседател на Европската комисија.

Пронајдете не на следниве мрежи: