Рецепт и видео презентација на Валентина Машковиќ. Кога ќе ги купувате пиперките за ајвар, внимавајте тие да бидат со потенка петелка, да не се многу водлести – советува г-ѓа Машковиќ. За околу 30 кг ајвар потребни се приближно 40 кг пиперки и 10-тина кг модар патлиџан, неисчистени.
Овој ајвар се приготвува со пиперки и модар патлиџан, па затоа има посветла боја, но ви гарантирам дека е повкусен од оној кој се приготвува само од пиперки, барем според мене – вели Валентина Машковиќ.
Потребни состојки: 30 кг исчистени пиперки, 6 кг исчистен модар патлиџан, 200 г шеќер, 2 литри масло, 30 мл есенција, сол по потреба и 6 кесички конзерванс
Постапка: Пиперките убаво измијте ги, исцедете ги и избришете ги, па исчистете ги од семките и дршките. Испечете ги убаво, собирајте ги во кеси да изладат, па излупете ги. Оставете ги преку цела ноќ да се цедат.
Модриот патлиџан излупете го, исечете го на поголеми парчиња и малку подварете го околу 5 минути во зовриена вода во која сте додале една лажица сол. Исцедете го.
Пиперките и модриот патлиџан сомелете ги во машина за мелење месо. Во големо тенџере (од 40 кг) на оган ставете 1 литар масло да се загрее, додадете 200 г шеќер и 1 полна рака сол. Промешајте и почекајте да се растопи и загрее, па додадете ги мелените пиперки модрите патлиџини.
Промешајте убаво за да се изедначи смесата. Потоа додадете 5 капачиња есенција или една чаша вински оцет за подобро да се свари и сочува ајварот, па продолжете со мешање. Потрбно е да се готви 3-4 часа со постојано мешање.
На половина од готвењето додадете уште еден литар масло, а некаде пред самиот крај додадете сол по вкус. После 4 часа пржење ајварот е готов, тргнете го од огнот и додадете 6 кесички конзерванас. Промешајте и почекајте 10-тина минути за да се растопи конзервансот.
Ајварот собирајте го во стерилизирани тегли и убаво притиснете со лажица за да излезе целиот воздух. Теглите наредете ги во рерна на 90-100 степени неколку минути за да фатат коричка, па затворајте ги со капаци. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото:
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.