Да си споменеме на AНДОН ЛАЗОВ ЈАНЕВ – ЌОСЕТО

AНДОН ЛАЗОВ ЈАНЕВ – ЌОСЕТО

На 25 декември 1854 година во селото Голозинци, Велешко, е роден Андон Јанев Ќосето.

Човек легенда, бестрашен и непокорен јунак кој бил задолжен да ги ликвидира предавниците на македонскотоо дело, и кој не служел на личности, туку како што подоцна ќе каже самиот, јас и служев само на Македонија.

Детството го поминал во родното село, каде со двајцата браќа и двете сестри се занимавале со чување овци.

Кога Андон имал 12-13 години, неговиот татко Лазо кој имал бунтовен дух, бил уапсен од Турците и одведен во Солун. Откако останале сами, Андон со браќата и сестрите се преселил кај чичко му во Велес.

Еден настан ќе биде пресуден Андон да се одметне и да стане еден од најверните членови на Македонската револуционерна организација.

Во Велес, при една прошетка, богатиот Турчин Али Чауш кој бил во придружба со еден турски џандар, сакал да му удри шамар на Андон, затоа што другите деца го поздравиле, а само Андон не му оддал почит на Турчинот кога овој поминал покрај него.

Но Андон бил побрз и со нож му ја расекол облеката на Турчинот.

За да не биде најден од Турците и затворен, Андон го напушта Велес, почнува да скита со денови по непознати патишта, и на крај ќе стигне во Солун.

Подоцна во Солун, Даме Груев преку учителот Атанас Мурџев и поп Стамат, го придобиле Андон да се приклучи на Македонската Револуционерна Организација. Андон Ќосето ќе стане многу близок со Даме Груев и ќе добива наредби директно од него.

„ Од Велес некој му пишал на Дамјан Груев за мене. Јас, пак, ништо не знаев за Организацијата. Имав слушнато нешто, но како во сон. Меѓутоа, што претставува таа не можев да си објаснам. Во тоа време имаше еден Тано Мурџев. Тој беше даскал и бил во врска со таа работа. Даме Груев го задолжил да ме најде. Меѓутоа, Даме Груев не се јавува пред мене. Ме запознаа со поп Стамат, тој што го убија Грците. Тој ми кажа: ’Ќе дојдеш вечер таму и таму’. Јас отидов и во една куќа, ме испраша Мурџев подробно и ме запраша што мислам да правам. Јас му одговорив: ’Каде ми очите, таму и главата!’ И тогаш тој ме заколна во Организацијата… Јас си реков во себе – тоа е за мене… Најпрво сакаа да ми дадат лесна работа за да ме испитаат. Ме ставија за таен полицаец. Гледаа дека ме бидува за таа работа. Ми дадоа да завршам една акција, едно убиство. И тоа го завршив. По една вечер му забив нож на еден Грк.“, објаснува Ќосето за тоа како бил примен во организацијата.

Од тој момент, Ќосето ќе ги извршува најтешките и најопасните задачи на Организацијата. Дејствувал храбро и одлучно, пресметувајќи се со најголемите непријатели на ВМРО и на Македонија.

Многу малку луѓе го знаеле вистинскиот идентитет и каде е роден Ќосето, Даме Груев бил еден од ретките кој ги знаел од каде е, но Ќосето му се заканил и на Даме, да не кажува на никого и да го чува тоа како најголема тајна.

Ќосето на почетокот знаел да работи на своја рака, и без наредба да ги ликвидира оние кои ја попречувале работата на Организацијата.

Откако убил еден познат Турчин, турската власт ја ангажирала и војската да го бара. Бидејќи Турците не знаеле како изгледа Ќосето, тие од Велес во Солун ќе го донесат неговиот постар брат, кој заедно со српскиот учител Пејчиновиќ требало да им помогнат на Турците да биде фатен Андон.

Постоела опасност да биде разоткриена целата Организација, па Андон самиот предложил да го ликвидира брат му, што било и направено. Потоа Ќосето ќе учествува и во ликвидацијата на српскиот учител Пејчиновиќ, кој им помагал на Турците.

За да го пронајдат Андон, Турците заедно со неговиот брат шетале низ Солун.

„Но, наместо тие да ме фатат мене, јас го фатив мојот брат и го држев во подрум. За тоа му кажав на Дамјан Груев. Бидејќи ниту Дамјан Груев не можеше да си дозволи да даде наредба да се убие брат ми, предложив јас да го убијам. ’Ако го пуштиме, реков јас, за мене тука нема да има место повеќе.’ Тој ми рече : ’Направи го тоа што ќе сметаш дека е добро.’

По убиството веднаш му соопштиле на Даме и тој почна да ми се извинува. Јас му одговорив: ’Зошто, за еден човек ли да жалиме дека се изгубил. Ако и јас правам штети и мене треба да ме убиете“, раскажува Ќосето.

Дејствувањето на Андон без наредба од ВМРО, што ја довело до опасност целата Организација, предизвикало голем револт кај Даме Груев кој го предупредил, велејќи му: „Уште еднаш такви работи да не правиш, дури и ако те навредат. Само тогаш кога ќе ти дадеме некоја задача, тогаш ќе дејствуваш“.

Во мај 1897 година, по наредба на Организацијата, заедно со Ицо Џорлев од Кукуш и со гевгелиските раководители на Организацијата, Андон учествува во извршувањето на смртната пресуда врз доушникот на турската власт и водач на гркоманската партија во Гевгелија – Христо Цицов (Цицо). Егзекуцијата била извршена пред очите на кајмакамот во Гевгелија, по што турските власти организираат голема потера по Ќосето. Андон се вратил во Солун, но по краток престој, за да не биде откриен, Организацијата го испратила надвор од градот.

Андон Ќосето освен со Даме Груев, ќе стане многу близок и со Гоце Делчев, кон кого до крајот на својот живот ќе има најголема почит.

Во своите спомени, тој ќе раскаже: „…Започнав да се движам насекаде, минувајќи и од едната и од другата страна на Вардар, во Кукушко, во Дојранско, Малешевско, Струмичко. Едно време јас требаше да ги обиколувам и другите околии. Ќе се појавеше некаде раздор или пак не ќе одеа добро работите во реонот, Делчев веднаш ќе ми напишеше да отидам таму. Ќе го средев тој реон, ме испраќаа во друг реон, а тој го предавав на друг. Се расправав само со непријатни гости. Како да се наоѓав пред една шума, преку која не минуваше пат, та јас со секира в раце требаше да правам пат среде таа гора. Веднаш потоа излегоа, за секој реон чета. А ние бевме првата чета. И јас ќе отидам таму, ќе скокнам, каде со добро, каде со нож. По едно време се заплашија…“

Во Гевгелиско Ќосето ќе ликвидира еден поп – гркоман, а подоцна и еден бугарски поп и учител.

Во 1900 година Андон Ќосето ја имал првата средба со Јане Сандански. Тој го организирал префрлањето на четата на Јане Сандански и му дал корисни информации за состојбата на теренот.

Откако Организацијата се соочила со недостаток на средства, повторно се сретнале со Јане Сандански и Христо Чернопеев за да го организираат грабнувањето на Сулејман бег во Горна Џумаја (денешен Благоевград). Но бегот се разболел и не излегувал од дома.

Увидувајќи дека тешко можат успешно да ја спроведат акцијата, тие ја киднапирале американската мисионерка Елен Стон, која се канела да го посети Серско и Струмичко. Ќосето заедно со четата на Сандански, учествувал во шестмесечното криење на Мис Стон од турските потери, а по добивањето на откупот, Ќосето како еден од најсигурните и најдоверливите луѓе добил задача да ја ослободи Мис Стон

На 23 февруари 1902, Андон Ќосето ја ослободил Мис Стон во селото Градошорци, Струмичко, во замена за 14.500 лири, пари кои биле искористени Организацијата подоцна да купи оружје и муниција.

Во текот на Илинденското востание Андон Јанев Ќосето како војвода ќе предводи чета во Прилепско. По судирот со турскиот аскер кај Тројаци, Андон заминал со 30 востаници за Велешко. На 17 октомври 1903 година, кај месноста Клепа, во близина на селото Скачинци, четата на Андон имала тежок судир со турскиот аскер кој броел 500 души.

По Илинденското востание, Андон учествувал во работата на Серската група на Јане Сандански, и ја подготвувал селската милиција во Струмичко и Малешевско. Во 1905 година бил делегат на првиот (редовен) конгрес на Серскиот револуционерен округ.

Во 1907 година, откако Тодор Паница ќе ги убие предавникот Борис Сарафов и бугарскиот агент Иван Гарванов, поради блискоста со Сандански и со Серската група, сомнението ќе падне врз Андон Ќосето, по што тој ќе биде затворен и ќе одлежи 11 месеци затвор.

Во затворот бил држен многу строго и не му дозволувале никаква посета и писма.

На обвинувањата од противниците на македонското дело дека е санданист и разбојник, Ќосето им одговарал дека не е ниту санданист, ниту сарафист, ниту делчевист, туку човек на Организацијата и дека не служи на личности, туку на Македонија.

За време на Младотурската револуција, Андон Ќосето успеал преку еден Турчин да испрати писмо до Јане Сандански за да му обезбеди потврда од турските власти дека не бил разбојник, туку револуционер. Сандански му испратил таква потврда која ја презентирал пред судот по што бил ослободен од сите обвиненија.

По излегувањето од затвор, Ќосето веќе бил на 54 годишна возраст, и револтиран од односите во Организацијата по загинувањето на Делчев, решил да се повлече и да води мирен живот.

Андон Ќосето со голем пиетет и почит говори за Гоце Делчев. Додека разговорал со новинарот Бојан Мирчев во 1931 година, кога новинарот му го спомнал името на Гоце Делчев, тогаш веќе 77 годишниот Андон заплакал.

За Гоце Делчев тој ги кажал овие зборови: „Кој го знаеше и кој не го знаеше, го почитуваше. Сите чети, што ги имаше тогаш – легални, нелегални, сите му беа нему потчинети. Кај него немаше никогаш груба забелешка, да рече лош збор или да се намурти. Се’ си беше весел. Беше многу доверчив.“, раскажува Ќосето за големиот македонски револуциоенр.

Тој вели дека Делчев многу често добивал болки во стомакот, кои, смета тој, биле последица од студената вода на реката Брегалница. „Кога беше во Штип како учител таму немаше работници. Тогаш доаѓаа материјали преку границата. Ги носеа до Саса. Тој сам ги пренесувал пушките преку реката Брегалница со голема мака, по студ, и ги препраќал за Царевоселско (Делчевско), за кон Голак. Така тој ја доби болеста во стомакот. Кога се движеше во Македонија, ако каснеше леб веднаш ќе почнеше да повраќа; и тој беше принуден преку ден да јаде по 2-3 јајца без леб и некаде, ако најде чаша млеко. И покрај тоа што страдаше од таа болест и гладуваше, од ништо не се плашеше, секогаш охрабруваше. Секогаш и насекаде советуваше и никој не можеше да го осуди за ништо.“, раскажува Ќосето.

Тој додава дека кога бил жив Гоце духот на ВМРО бил многу силен и немало расправии меѓу револуционерите како подоцна. „Откако загина во Серско, реално, Организацијата не умре, меѓутоа, таа не беше така организирана и не можеше да се подготви како во неговото време, затоа неговите стари другари, кои што беа отпорано, останаа малку без заштита, бидејќи излегоа нови сили, нови умови. Некои од неговите стари другари, кои што останаа, кои што го знаеја, држеа, се мачеа, меѓутоа не беше тој дух, што го имаше во негово време. Ако Делчев некаде го откриеја со некоја чета, никогаш не им велеше на војводите, ајде, сега ти напред. Во него имаше честољубие. Мене ми е тешко за секој паднат другар. Меѓутоа, како нас можат да се родат десетици, стотици. Но Македонија едвај ли ќе роди втор Делчев.“, говори Андон Ќосето со неизмерна почит за големиот македонски револуционер.

Антон Лазов Јанев – Ќосето умира на 99 годишна возраст, на 10 септември 1953 година во Благоевград, Пиринска Македонија.

ВЕЧНА ТИ СЛАВА НЕПОКОРЕН МАКЕДОНСКИ ЈУНАКУ!

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.