Лепа од Сингелиќ шест часа поминала во поплавена куќа, но ја спасил соседот Бекир

Поплавата којашто пред еден месец го зафати Скопско, одзеде човечки животи, остави пустош зад себе, создаде и вистински животни драми, кои, можеби никогаш не ќе се заборават.И седумдесетишестгодишната Лепа Новаковиќ од Сингелиќ  ќе ја памети таа кобна ноќ на 6 август. Поминала речиси цели шест часа во поплавената куќа. За среќа, нејзиниот сосед четириесетиедногодишниот Бекир Салиев се сетил на неа и ја спасил. 
– Бекир ми го спаси животот. Бекир ме извлече од поплавената куќа, , ни вели Лепа.
Таа се присетува на кобната ноќ и вели дека за еден час водата и надошла до скалите, почнала да навлегува во ходникот и  во останатите простории. За кратко време целата куќа и била во вода и кал. Газела во неа, одела натаму- наваму во водата, во калта, ни самата не знаела ниту што прави, ниту што да прави. Сѐ се случувало толку бргу.
Поминала речиси цели шест часа во поплавената куќа, сама, со пекинизерот Биба, без струја, а во последните часови и без телефон. Не сака ни да размислува како ќе го поминела остатокот од ноќта и дали ќе го дочекала утрото, ако оттаму не ја извлекол нејзиниот сосед.
Сега ми е повеќе страв, немам куќа, се е уништено
Бекир Салиев, преку прозорецот на својата куќа,можел да го видел нејзиниот двор веќе поплавен и загрижено се прашувал навлегла ли водата веќе и во куќата кај Лепа и како е таа. Сама е, што ли прави, исплашена ли е, се прашувал Бекир.        
– Повеќе сум бил загрижен за неа, отколку за роднините погоре. Тие се на повисоко. Куќата им е на два спрата, можат да се качат горе. Повеќемина се, ќе се снајдат, ќе си помаагат меѓусебно, ако ништо друго барем стравот ќе го споделат, ни раскажува Бекир.
-Зарем знаев што правам. Куќата ми се полни со вода и кал, а јас се така се шуткам натаму- наваму,  и Биба околу мене. Ја зедов, ја ставив на седмоседот горе, седнав и јас. Телефонот ми ѕвонеше на секои десет минути, внука ми и зет ми испаничени повеќе од мене. А, потоа, за беља, и батеријата на телефонот ми се испразни, ни вели Лепа.
Роднините и велеле да излезе оттаму, да дојде до суво, тие ќе дојдат да ја земат.
– Како да излезам си мислам, ќе ме повлече водата, ќе ме однесе матната, страв ми е. А, и тие како би дошле, се наоколу е во вода  и куќата веќе се наполни со вода и со кал. Водата беше до работ на масата. Ми текна да земам една столица, да се качам на неа и да седнам на масата. Си седнав на суво, а нозете на столицата, ми беа во вода. Не можам да опишам колку беше студена водата! Не бев исплашена, смирена бев.  Не знам што ми беше, обично сум паничар. Сега ми е повеќе страв. Немам куќа. Сѐ е уништено, ни вели тажно Лепа.
Не,не, не излегувам јас оттука, куќата ќе ја чувам
Кога престанало силно да врне, Бекир Салиев излегол надвор да види што може да направи, како може да помогне. И некои од мештаните биле излезени. Забележал дека и екипи на војската, ЕБР и Единицата за специјални задачи, веќе биле на терен. Со механизација, со багер, се чистел и каналот.
– Мислам дека тоа многу допринесе и водата малку да се намали, вели.
– Кога се упатив кон тетка Лепа, водата не надминуваше повеќе од 1,60 сантиметри. Побарав помош од луѓето кои со багер работеа тука кај мостот, чија ограда беше однесена од поплавата, раскажува Бекир.
Луѓето со механизацијата се зачуделе кога Бекир им кажал дека во куќата живее Лепа.
– Од тој дел од патот, куќата не се гледа поради дрвјата околу неа. Абеше и темница и струја веќе со часови немаше, објаснува Бекир.
-Со двајца од нив, од војската ли беа, од единицата за брза распределба ли беа, не знам, но им благодарам и ним, без нив не ќе успеев да ја извлечам. Ни се придружи и еден сосед. Чукам на прозорецот, велам тетка Лепа излези. Таа ми вели: „Не, не, не ја напуштам куќата“. Ја убедувам, ја убедуваме сите, а таа повторно ни вели: „Не, не јас ќе си седам тука“. Го отворив прозорецот, ја прашувам како е, гледам контактибилна е, стабилна е, и само поворуваше дека ќе ја чува куќата, и дека мема да ја напушти, ни вели Бекир.
– А, смирена бев, не знам што ми беше, вели тетка Лепа. Го погледува соседот и двајцата се насмевнуваат. – Инаку паничар си, и вели тој.
Таа потврдува.
Видела багер до прозорецот со корпата свртена кон него, видела дека и светат со батерии и како ќе ме извлечат си мислела и пак страв ја фатило. 
– Но, ме фатија двајца за рацете, двајца за нозете, ме извлекоа на суво.  Вечерта кај нив бев, кај Бекир и кај мајка му. Сопругата со двете деца и брат му не беа тука. Десетина дена кај нив бев, ни раскажува Лепа.
 Одела, доаѓала, кај нив останувала,  и се уште така, кај неа нема услови за живот.
– Таа ноќ, штом ги затворив очите, го слушав гласот кој викаше: „Поомош, поомош. Сѐ уште, еве, скоро еден месец ќе биде, го слушам гласот на човекот кој викаше помош, помош. Ќе престане ли тоа, се прашувам, Бекир?, му вели на соседот.- И јас, тетка Лепа, сѐ уште ја слушам бучавата на водата. Не се заборава тоа никогаш, и одговара тој.
Човекот со часови викаше помош
Не само страотните глетки кои ги имала во својот дом, кој пред неа се уништувал, Лепа Новаковиќ  и во дворот имала драматични случувања.
– Поплавата ми донесе два автомобила во дворот. Прво едно „тамче“. По некое време, како што одела водата одозгора и еден црн автомобил донесе до него. Тој со „тамчето“, излезе од него, ја остави и тргна да спасува жива глава. Тој со црниот автомобил, се качи на „тамчето“ и почна да вика: „Поомош, поомош“. Како да ти помогнам, викам и јас. „Отвори ја вратата“, вика. А, вратата не се отвора од притисокот на водата. Во дворот имаше сигурно два метра вода. Мислам дека со часови го слушав како вика поомош, поомош, а потоа престана. Што бидна со детето, мислев, го спаси ли некој или се удави кутриот.  Кога ме спасија мене слушнав дека и него го спасиле, раскажува тетка Лепа.
Река наместо улица
Куќата на Бекир Салиев се наоѓа малку на повисоко и водата не навлегла внатре. Но, во автомеханичарскиот сервис имало вода и кал повеќе од еден метар. Тој од безбедноста на својот дом, немоќен да помогне гледал луѓе кои се борат со водената стихија, видел гола борба за живот, а бил и сведок како некои, за жал, ја губат битката.
– Беше околу шест часот, кога почна да дува силен ветер, а почна и да врне. Го затворив сервисот и се качив горе во куќата, се присетува Бекир.
Не минало повеќе од еден час кога погледнал од прозорецот и видел река наместо пат, како тече пред неговата куќа. Бучна, валкана и носела сѐ пред себе.
 -Еден пикап видов како го отфрла водата, од другата страна на тоа што беше улица, во дворот на тетка Лепа. Го остави автомобилот, излезе, се спаси. На истото место, по кратко време, друг заглави. Се обидуваше да излезе од автомобилот и  успеа да се качи на пикапот, раскажува Бекир.
Најстрашна му била глетката со автомобилот кој како да се задржал удирајќи во канта пред куќата. Во него биле еден млад човек и постара жена. 
– Само што излезе тој, одеднаш силен бран го понесе автомобилот, со жената во неа. Подоцна го видов како се држи за гранка од жбунот во дворот. Него, мокар, каллив и исплашен, успеав да го приберам дома, на суво. Се изми, му дадовме сува облека, но не можевме да го смириме. „Леле, баба ми, леле, баба ми“, повторуваше. Жената , која бранот вода ја повлече како играчка, му била баба. Била кај него на гости, ја носел до дома. Подоцна ја  најдовме до оградата на црквата, на стотина метри оттука. За жал, мртва, вели Бекир.
Тој замолчува и гледа немо пред себе. Молчиме и ние, гледајќи настрана. Тешко е да се гледа во очите кои го виделе сиот тој ужас. Тој го забележува и тоа, се насмевнува и вели: „Ужасно беше“!
Овие животни драми, и покрај нивната тегобност, ги слушнавме во многу пријатна атмосфера, со кафе и сок, како со луѓе со кои долго се познаваме, како со стари пријатели. За тоа, секако, многу придонесе и нивната срдечност и непосредност. И благата насмевка и ведрина со која не дочекаа и со која не испратија. Заминавме оттаму со искрена желба што поскоро времето да ги избрише и невидливите  трагите кои таа ноќ ги остави во нивниот живот.И седумдесетишестгодишната Лепа Новаковиќ од Сингелиќ  ќе ја памети таа кобна ноќ на 6 август. Поминала речиси цели шест часа во поплавената к

Пронајдете не на следниве мрежи: