Македонија и Берлинскиот конгрес 1878 година. Текст кој ќе ви разјасни многу од проблемите со кои се соочуваме и денеска

Во процесот на интегрирање на населението во Македонија, идејата за автономија ќе биде присутна како конститутивен елемент. Сето ова ќе влијае вооружената борба на македонскиот народ да се поврзува со изградбата на таков облик на политичка организација, која ќе… „гарантира изградба на посебна политичка структура на власт и односи“. А тоа води кон единствениот заклучок: идејата за автономија на Македонија ја содржи во себе и мислата за македонскиот народ како посебен народ, со свои, посебни национални, политички, економски и културни интереси, различни и одделни од оние на другите балкански народи. 

Тоа, пак, значи дека колку што повеќе се утврдувала идејата за автономна Македонија, во свеста и во политичките барања се повеќе се разграничувала Македонија од другите народи и држави, од соседите, исто така.

Токму развивањето и продлабочувањето на идејата за автономна Македонија ќе создаде нови, сложени односи на Балканот, и ќе доведе дури до институционализирање на таканареченото македонско прашање. Имено, колку што повеќе Македонците, преку идејата за автономност на Македонија, ќе ја афирмираат сопствената национална самобитност и правото на самоопределување, толку повеќе другите земји, соседите на Македонија, особено, ќе се плашат дека на тој начин засекогаш ќе останат нерационализирани нивните големодржавнички апетити.

Оттука „задржаното право“ на соседните држави да го оспоруваат легитимитетот на македонското национално-ослободително движење, па и правото на македонскиот народ на своја држава. Потребно е да се нагласи дека од пазувите на идејата за автономна Македонија произлегува и одлуката за вооружена борба на македонскиот народ за свое ослободување, национално и политичко. 

Оваа идеја доста јасно е афирмирана и во документите на Привремената управа (Влада) на Македонија, како и во документите на Македонската лига. Таа свои посебни контури ќе добие во Програмата на Внатрешната македонска револуционерна организација, 13-тина години подоцна.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.