Македонија и Берлинскиот конгрес 1878 година. Текст кој ќе ви разјасни многу од проблемите со кои се соочуваме и денеска

Омеѓувањето, пак, на територијата тргнувало од сознанието за поврзаноста и комплексноста на економските и политичките интереси и од заедништвото што се должело на „сè посилниот процес на економска, политичка и народносна интеграција“. 

Д-р Владо Поповски ќе забележи дека во такви рамки, се поприсутна ќе биде и „народносната и национална, имплицитно и политичката, историја“ на најмасовното население на оваа територија – Македонските Словени, кои, „именувајќи се со територијалното име како со свое национално име, вршеле влијание на повеќестрано привлекување на другите помалубројни народни групи.“ На тој начин, ќе забележи Поповски, и тие „ја прифаќале и доживувале Македонија како своја заедничка татковина, истовремено и како посебна целина и со тоа како посебна заедница“. Така почнала да се развива, да расте и да се утврдува свеста за посебно „општествено и политичко конституирање на Македонија“, во посебна целина и во идна држава.

Определувајќи ги народните групи кои го сочинуваат населението на идната македонска држава, Уставот за идното уредување на Македонија „во суштина го определил народносниот и национално-политичкиот опфат на идната држава, како и нејзиниот национално-политички темел, темелот на нејзината организациона и функционална структура“. Со Уставот сите народни групи се прогласени за политички рамноправни. 

„Нивната рамноправност ја прогласил за главен принцип од кој ќе произлезе структурната и функционалната страна на целата македонска држава“, пак да се повикаме на Поповски. Со определбите на државниот организам на идната македонска држава, Уставот, всушност, ја прогласил основата на државно-правниот субјективитет на македонската заедница, степенот на државно-правната субјективност и видот на државното уредување. Безразлично што со Уставот е предвидено идната федерална единица Македонија да остане во вазален однос кон Империјата, од уставните определби што понатаму следуваат се гледа дека Уставот ја регулира идната македонска држава далеку повеќе како самостојна, отколку како вазална.

Набргу по формирањето на Македонската лига, таа упатила свои оперативни тела и единици преку границата на Бугарското кнежевство, во Македонија, на Пирин Планина. На 23 јуни 1880 година од Пирин е испратен Меморандум до шесте големи сили, потпишан од Привремената управа на Македонија, заедно со Органскиот устав. Во Меморандумот се дава слика на тешката положба на Македонците и Македонија под турското ропство. Во него стои забележано и ова: „Сакаме да ве информираме, Ваши екселенции, дека се лажни информациите што доаѓаат до Вас за некакви македонски стремежи за соединување на Македонија со Бугарија!“. 

Во Меморандумот посебно се нагласува дека „во случај да не му се посвети нужно внимание на македонското прашање и тоа да не се реши во согласност со желбите на народот на Македонија“, тогаш: „не би сакале да биде доцна кога ќе почне да се лее крв со потоци, кога самите ќе тргнеме да ги остваруваме своите правдини. Нашата крв, крвта на нашите деца, ќе биде на ваша совест!“

Продолжува на страна 10 подолу:

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.