ПРИЗМА: Фирмата-сопственик на ТВ Алфа обвинета за даночно затајување

Обвинителството ја товари неа и фирмата дека во 2013 и во 2014 година, со намера да се стекне со противправна имотна корист, „во даночните биланси за 2013 година и за 2014 година поднесени до Управата за јавни приходи, не биле пријавени даночно непризнати расходи за застарени побарувања по основ на дадени заеми постари од 5 години во вкупен износ од 61.850.165 денари“.

Со тоа не бил пресметан и уплатен данок на добивка од 10 отсто, односно 6.185.016 денари.

Тоа е штетата што Обвинителството треба да докаже дека фирмата му ја направила на државниот Буџет. Обвинителството за тоа наредило и изготвило вештачење.

Кажиќ беше именувана за директорка откако во 2012 година, фирмата „ЦХС Инвест груп“, основач на фирмата „Комтрејд“ во сопственост на Веселин Јевросимовиќ, ги купи мнозинските пакет-акции во „АЛФА СКОП“. Од 2016 година, доминантен удел во „АЛФА СКОП“ има фирмата ЦХС Инвест гроуп доо, чиј управител е Унгарецот Питер Шац.

Од Скопскиот кривичен суд, за БИРН, потврдија дека предметот е примен и заведен под бројот К бр. 871/21, но дека уште не е закажано првото рочиште.

За Шац и „ЦХС Инвест груп“, предистражната постапка сè уште трае.

„По наредба на јавен обвинител, се врши дополнително вештачење со цел утврдување на фактите“, одговорија од Обвинителството.

Шац ја купи Алфа во јули 2017 година, како дел од пошироката акција на преземање медиуми во Македонија и во Словенија, што беше протолкувана како ширење на унгарското влијание и поддршка на десничарската политика на Никола Груевски и Јанез Јанша.

Извор: ПРИЗМА

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.