Стопанската комора смета дека големиот број на неработни денови во државата создаваат проблеми за работодавачите. Претседателот на Комората, Бранко Азески денеска порача дека во месец мај сме имале само 18 работни денови. Според Комората, бројните неработни денови создаваат сериозни проблеми во работењето на компаниите и ја намалуваат продуктивноста и бараат соочување на аргументите со синдикатите. Оттаму Азески ќе бара некакво решение за ваквиот проблем.
Пред две години, Стопанската комора покрена и иницијатива пред Уставен суд за „Недела-неработен ден“, по што уставните судии одлучија недела да остане неработна за работниците.
Македонија е на врвот на земјите со најмногу неработни денови во годината. Речиси секој месец имаме по некој празник, понекогаш и по два, или споени викенди. Македонија како мултиетнтичка држава има празници кои се неработни за сите граѓани, како што е Божик, Велигден, Рамазан Бајрам и Илинден. Но, има и празници кои се неработни само за граѓаните од муслиманска вероисповед, како што е Курбан Бајрам. Неработни денови за граѓаните од православната вероисповед се Бадник, Голема Богородица. Богојавление (Водици) и Задушница. За Албанците неработен ден е Денот на албанската азбука.
Тука се и неработните денови за припадниците на српското, турското, ромското и влашкото малцинство, како и Јом Кипур, кој е неработен ден за припадниците на еврејската заедница. Кога ќе се погледне календарот, единствени месеци без неработни денови се февруари и јули. Најмногу неработни денови имаме во јануари, дури пет, а во останатите месеци по два-три.
На денешната панел-дискусија на тема „Социо-економското влијание на Титан Усје“ која се оддржа во просториите на Стопанската комора, Азески најави дека ќе бара и измени во Законот за јавни набавки, истакнувајќи дека ќе бараат домашните македонски компании да имаат предност во тендерите, како што, како што кажа, е насекаде низ светот.



