Вкусно: Дроб сарма

1 комплет околу 1кг по еден црн и бел јагнешки дроб, и срце
1 јагнешка марамица
100 г ориз
1 врзоп млад кромид
1 лажица сув зеленчук
1 лажица сечкан магдонос
1 лажица букова сол
1 лажичка сечкано нане
500 мл млеко
50 мл бело вино
40 мл алкохолен оцет
ловоров лист
3-4 јајца
300-400 г овчко кисело млеко
масло, сол и мелен црн пипер


Јагнешката марамица се мие, се става во сад, се прелива со вода за да ја покрие и се додава оцетот. Се остава да отстои најмалку 2 часа, а најдобро е цела ноќ.
Дробот и срцето се мијат, и им се вадат мрсното и жиличките. Се ставаат во сад, се преливаат со млекото и се оставаат да отстојат 2 часа.
Потоа дробот и срцето се варат и тоа првите 2 води ( штом зовријат) се фрлаат. Се налева третата вода, во која се додава сол и ловоров лист, и се варат додека омекнат. Им се истура водата и откако ќе се изладат ситно се сечкаат.


Оризот се обарува во вода со сол и се цеди во цедалка.
Во тава со масло се пржат исечканите млади кромидчиња. Кога ќе омекнат, се додаваат парчињата дроб и срце и повремено промешувајќи се запржуваат. Потоа се додаваат исцедениот ориз и зачините. Се промешува филот и се трга тавата од оган.
Марамицата уште еднаш се мие, се сече на 4-5 парчиња и се ставаат парчињата во сад со топла вода.
Едно парче марамица се става во црпалка, се нанесува фил и се прекрива со краевите на марамицата. На истиот начин се подготвуваат сите сарми и се редат во намрсена земјена тава. Се преливаат со 100 мл вода измешана со белото вино. Тавата се става во рерна и се пече 30 минути на 220 степени.
Во длабок со виљушка се матат  јајцата, се додаваат киселото млеко, сувиот зачин и црн пипер, и се промешува преливот. Се нанесува на сармите и се пече уште 20 минути на иста температура.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.