Балансерот, алатката за вработување на припадници на различни етнички заедници во јавниот сектор, останува во сила, вели министерот за јавна администрација Горан Минчев во неделното интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ). Но, додава дека тоа не значи дека оваа алатка нема да биде предмет на расправа за евентуално нејзино укинување.
Примената на балансерот неодамна беше повод за препукувања меѓу министерот Минчев кој доаѓа од редовите на партијата ЗНАМ, на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и коалицијата на „Вреди“. Кавгата изби откако Минчев изјави дека според новиот начин на пресметка на балансерот, предвид се зема само бројот на резидентното население, а не и на нерезидентното население од пописот во 2021. Од „Вреди“ остро реагираа на ваквиот потег на министерот за јавна администрација обвинувајќи дека кадрите на ЗНАМ имаат погрешна проценка дека ќе го создаваат својот политички идентитет на антиалбанска доктрина.
Говорејќи на оваа тема во интервјуто за РСЕ, Минчев вели дека во овој момент не може да се шпекулира што ќе случи со балансерот. Сепак, аргументирајќи во одговорот на прашањето дали тој ќе се укинува, бидејќи, како што кажа неодамна, алатката се злоупотребува, министерот се повикува на скрининг извештајот на Европската Унија од 2023 година.
„Се вели (во извештајот) дека намената на балансерот за којашто е создаден практично не се исполнува, односно балансерот се злоупотребува. Јас и досега кажав дека во минатото балансерот бил предмет на злоупотреба, односно имаме случаи каде што Македонци се пишувале Албанци, Албанци се пишувале Македонци, припадници на други етнички заедници, што значи балансерот практично веќе ја губи својата намена за што е создаден. Во овој момент се применува законското решение. Се додека нема друго законско решение на сила останува примената на балансерот, согласно Законот за вработени во јавниот сектор, но тоа не значи дека нема да биде предмет за расправа за евентуално укинување на таа алатка“, вели Минчев.
Тој говори и за реформите во јавната администрација кои, како што беше најавено, треба да резултираат со намалување на администрацијата. Во врска со ова прашање, Минчев вели дека овие реформи треба да бидат предмет на сеопфатна анализа бидејќи, како што наведува во интервјуто, јавната администрација како столб на една држава треба да биде квалитетна, добро едуцирана и системски поставен. Неизграден систем во таа насока, според министерот, значи непостоење на една држава.
„Ние влеговме во еден процес на дебата за едни закони, но тој процес треба да биде солиден и сеопфатен, во кој треба да бидат вклучени сите институции коишто ги засега и јас се надевам дека во многу брз период ќе следат силни реформски процеси коишто ќе бидат директно презентирани во јавноста“, најавува Минчев.
Во врска со прашањето за неефикасноста на администрацијата и каде лежат причините за тоа, ресорниот министер кажува дека има институции во државата каде бројот на вработени е преголем и дека можеби 30 до 40 проценти од админситративните вистински ги исполнуваат своите работни задачи. ,
Причината за тоа ја наоѓа во, како што вели, досегашните партиски вработувања во изминатите 30 години.
Аргументирајќи ги ваквите тврдења, Минчев наведува неколку примери. Вели дека Агенцијата за администрација којашто е задолжена да биде двигател на знаењето во јавниот сектор или во јавната администрација, се соочува со еден непобитен факт каде тестовите што треба да го гарантираат знаењето на идните вработени во јавната администрација ги има на Фејсбук. Тој се повикува и на извештајот на Државниот завод за ревизија во однос на Агенцијата за администрација, во кој како што вели има индиции дека некои од вработените се вклучени во откривање на содржината на самите тестови.
„Имаме и други примери. Нелогично е да имаме инспекторати, или некои институции кои имаат 15 вработени, а имаат управни одбори од 7 членови коишто патем земаат околу 2 000 до 2 500 евра и прават годишен трошок во Буџетот од околу 250 илјади евра, а имаат седница еднаш во годината. Такви институции и органи во државата има многу. Затоа е важно да најдеме добар баланс, да ја имаме реалната ситуација и мислам дека сме созреани да направиме еден голем исчекор во смисла на сериозни реформи коишто ни претстојат во јавната администрација“, вели министерот.
Минчев во интервјуто ги отфрла како шпекулација наводите дека ЗНАМ бара втор заменик-директор во Царинската управа. Според него, заменичкото место е побарано од самата Царинска управа поради зголемен обем на работа.
„Во собраниската иницијатива потпишани се повеќе групи на пратеници, што значи од повеќе партии, но сепак крајното решение за заменик-директор ќе биде врз база на услови, на критериуми и квалификации согласно постоечките закони“, тврди министерот за јавна администрација.