Оваа храна е клучна за намалување на холестеролот

Промената во навиките во исхраната може да игра важна улога во регулирањето на холестеролот, а кардиологот д-р Оливер Гутман од болницата „Велингтон“ во Лондон издвои една намирница која особено добро се вклопува во исхраната за здравје на срцето. Станува збор за авокадо, кое е богато со незаситени масти, влакна, витамини и минерали.

Што да промените во вашата исхрана

Доколку имате висок холестерол, важно е да го намалите внесувањето на храна богата со заситени масти и почесто да избирате храна што содржи незаситени масти.

„Вашата исхрана базирајте ја на овошје, зеленчук, интегрални житарки и посни извори на протеини. Намалете го внесот на заситени и транс масти, кои се наоѓаат во масното месо, пржената храна и преработените грицки. Почесто избирајте здрави масти, како што се оние од авокадо, јаткасти плодови и маслиново масло“, советува Гутман.

Зошто авокадото се издвојува

Авокадото се издвојува меѓу таквите намирници бидејќи содржи незаситени масти, како и растителни влакна, витамини и минерали. Ова ги прави погодни за диети поврзани со здравјето на срцето, како што се медитеранската и DASH диетата (диета првенствено наменета за намалување на крвниот притисок. Се базира на овошје, зеленчук, интегрални житарки, посни протеини и млечни производи со ниска содржина на маснотии, уред.).

Британската фондација за срце вели дека авокадото, благодарение на неговата кремаста текстура, може да биде добра замена и за храна богата со заситени масти.

„Поради неговата кремаста текстура и чувство на ситост, може да биде добра замена за храна богата со нездрави масти, како што се сирењето, путерот и масното месо“, вели фондацијата.

Авокадото може да се јаде на тост, да се додаде во сендвичи или да се користи како прелив за јадења како фахитас и буритос.

Што всушност значат LDL и HDL

Гутман, исто така, нè потсетува дека холестеролот е масна супстанца што му е потребна на телото за нормално функционирање.

„Холестеролот е масна супстанца во крвта што е потребна за градење клетки и производство на одредени хормони“, објаснува тој.

Постојат два главни вида липопротеини кои го пренесуваат холестеролот низ крвта, LDL и HDL.

„LDL често се нарекува „лош“ холестерол. Ако го има премногу, може да придонесе за формирање на плаки во артериите, зголемувајќи го ризикот од срцеви заболувања“, вели Гутман.

„Од друга страна, HDL често се нарекува „добар“ холестерол бидејќи помага во транспортот на вишокот холестерол од крвта до црниот дроб, каде што понатаму се преработува“, додава тој.
The post Оваа храна е клучна за намалување на холестеролот appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: