На плоштадот „Скендербег“ во Тирана денес, 14-ти ден по ред, голем број граѓани се собраа на протестот наречен „Револуција Фламинго“.
Демонстрантите, собрани во голем број и со зголемено учество на дијаспората, извикуваа политички слогани, вклучувајќи ги „Рама во затвор“, „Бериша во затвор“ и „Рама поднеси оставка“, пред да тргнат кон булеварот „Маченици на нацијата“.
Организаторите и учесниците на собирот наведуваат дека тоа е продолжение на движењето кое веќе две недели бара оставка од премиерот Еди Рама и кривична одговорност за главните политички личности во земјата, објави Албаниан пост, а пренесува Нова.
На плоштадот беа видени знамиња на западните земји, вклучувајќи ги САД, Германија и Обединетото Кралство, симболика што демонстрантите ја поврзуваат со аспирациите за повисоки стандарди на демократија и правда во Албанија, слични на земјите каде што живеат голем дел од имигрантите.



